Дачиќ: Претседателите од регионот ја навредуваат Србија
11 јуни 2012„На сите треба да им е јасно дека ова е навреда за Србија, а не за Николиќ, кој моментално е претседател на Србија“, изјави Дачиќ, по одржаните консултации за формирање на новата српска влада.
Дачиќ изјави дека го изненадува фактот што претседателите на државите од регионот одлучија да не присуствуваат на инаугурацијата.
„Тоа не е однос спрема Николиќ или Борис Тадиќ, туку спрема Србија и сето тоа го оправдуваат со некакви приказни. Но притоа устите им се полни со помирување и европски интеграции. Дали е тоа во духот на помирувањето и тие интеграции?“, праша Дачиќ.
Тој потсети дека претходниот претседател Борис Тадиќ присуствувал на сите инаугурации во регионот, освен на оние кадешто имало преставници од Косово.
Свеченоста по повод инаугурацијата на претседателот на Србија Томислав Николиќ ќе се одржи денеска во зградата на претседателството во Белград.
На свечената церемонија ќе присуствуваат претставници од Србија и од светот, но не и лидери од земјите од регионот, со исклучок на претседателите на Црна Гора и на Република Српска, Филип Вујановиќ и Милорад Додик. Македонскиот претседател Ѓорге Иванов изјави дека нема да оди на инаугурацијата на Николиќ.
Меѓу гостите ќе биде еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој претходно ќе има билатерална средба со претседателот на Србија.
Томислав Николиќ на 31 мај положи заклетва во парламентот, со што стапи на должност претседател на Србија.
ДПС ги суспендира односите со Иванов
Демократска партија на Србите во Македонија во денешното (11.06) соопштение до медиумите наведува дека одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да не присуствува на инаугурацијата на новиот претседател на Република Србија Томислав Николиќ, е непринципиелна и крајно штетна за односите меѓу двете држави и двата народа.
„Одлуката не е во функција на унапредување на односите меѓу двете држави и двата народа и јакнење на постигнатиот степен на меѓусебна соработка и доверба и е лицемерна кон припадниците на македонската заедница во Србија која на изборите му ги даде своите гласови токму на новиот српски претседател и која во соработка со неговата партија по првпат стана парламентарна“, се вели во партиското соопштение.
За Демократска партија на Србите во Македонија е неразбирливо зошто со својата одлука, претседателот Иванов ја приклучил Република Македонија кон, како што се наведува, „една група на држави, која се‘ повеќе наликува на непринципиелна регионална коалиција, која не го почитува легитимниот и легалниот избор на српскиот народ и не ги уважува неговите интереси, со што на директен начин ја загрозува регионалната стабилност и соработка“.
Заради тоа, Демократска партија на Србитево Македонија информира дека ги суспендира односите со претседателот Иванов.