Датум за преговори со ЕУ за време на унгарското претседателство?
27 април 2011Иванов истакнува дека е реалист и дека очекува она што Унгарците го ветија, да го исполнат. „Тоа го вети премиерот Виктор Орбан и тоа тој на конференцијата во Брисел го кажа. Тие настојуваат Македонија да ги почне преговорите бидејќи ги исполнува сите услови“, посочи шефот на државата одговорајќи на новинарско прашање дали е можно Македонија да добие датум за преговори со ЕУ во јуни за време на унгарското претседателство и по најавата за расправа во германскиот Бундестаг за македонската евроинтеграција.
На прашање дали Македонија се врти кон исток поради посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и најавата за кинески инвестиции во Вардарска долина, Иванов посочи оти таквите поделби веќе не се основани денес, а државата мора да ги следи современите текови.
„Ние сме се определиле за нашите стратешки цели - ЕУ и НАТО, но ние не можеме да ги запоставуваме нашите односи што ги градиме со другите. Мора да градиме политика на отвореност кон сите и да го бараме нашиот интерес. Нашите производители имаат интерес од пазари, нашите граѓани имаат потреба да комуницираат со светот“, рече Иванов по денешната посета на Воената академија „Михаило Апостолски“ во својство на врховен командант на вооружените сили.
Автор: ЖА/АТ/миа
Редактор: Жана Ацеска