Taliban Ausstieg
27 јануари 2010Познато е дека зборувањето е сребро, а молчењето злато. Но, за оваа стара мудрост деновиве никој во авганистанската влада не сака да слушне. Зборувањето е злато, вели авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, и тоа зборување со неговите противници, талибанците. Во последниот говор Карзаи најави дека планира програма за талибанските борци кои се подготвени да се откажат од борби. Тој дословно рече: сите борци, вклучувајќи го дури и талибанскиот водач, Мула Омар, се срдечно поканети да го положат оружјето и да учествуваат во обновата на авганистанското општество.
Идејата не е нова
Авганистанската влада најмалку четири години веќе работи на ресоцијализација на талибанските борци. За оваа цел е создадена и посебна институција, која му е подредена директно на претседателот на земјата. Но, сите обиди на Кабул да ги ослабнат талибанците преку финансиски понуди, останаа без успех.
Сепак, ново во целата дебата е тоа што многу западни држави, меѓу нив и Германија, се подготвени со милиони износи да го минат патот по кој досега безуспешно чекореше Кабул. Западот, се чини, е уморен од борби и посега по секоја сламка. Претседателот Карзаи е одушевен од сигналите на поддршка од страна на западот. Според него, многу талибански борци, сега кога соработува и западот, ќе го положат оружјето, ќе се откажат од насилство и ќе станат активни членови на авганистанското општество. Но, тоа е далеку од вистината. Тоа е прекусогледо и преедноставно гледање на работите. Кој мисли дека ќе ги купи талибанците со пари, премалку ја познава структурата и причините за дејствување на радикалната исламистичка организација.
За што се борат талибанците?
Талибанците не се борат за пари, ниту за ослободување на Авганистан, туку за победа на исламот над безбожниците. Ним не им недостигаат регрути-доброволци. Најголемиот дел од младите во Авганистан, пред се‘ во пограничниот појас со Пакистан, се без работа и без перспектива. Нивниот број е милионски. Голем дел од нив се фанатизирани и подготвени да го жртвуваат својот живот на земјата за царството божје во рајот.
Талибанците досега постојано ги одбиваа предлозите за мир од страна на Кабул. Тие досега не ги признаваа претседателот Карзаи и неговата влада како партнери за разговор. Нема дилема, не секој кој во Авганистан се бори против владата е борец-фанатик, но оној кој денес ќе го положи оружјето за пари, тој утре повторно ќе го земе в рака од исти причини.
Програма за излез од корупцијата и од погрешната политика на обнова би била многу поважна. Кој на луѓето во Авганистан може да им понуди подобра перспектива за иднина, тој в џеб го има клучот за победа над талибанците и останатите екстремисти во регионот.
Автор на коментарот: Ратбил Шамел
Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска