1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД сега се фокусираат врз Југоисточна Азија?

Дејвид Хат
18 септември 2021

По повлекувањето на САД од Авганистан, Вашингтон го пренасочува својот надворешнополитички компас. Југоисточна Азија може да се најде во центарот на американските стратегии.

https://p.dw.com/p/401JD
TABLEAU | Indonesien Jakarta | ASEAN-Gipfel zu Myanmar | Joko Widodo, Präsident Indonesien
Фотографија: Laily Rachev/Indonesian Presidential Palace/REUTERS

Срамното повлекување на американските трупи од Авганистан предизвика остри критики и го отвори прашањето на кој начин САД во иднина планираат да го задржат својот статус на суперсила.

Вашингтон одамна започна во Југоисточна Азија да гради регионални сојузи како директна конкуренција на Кина. Неодамна американската потпретседатлка Камала Харис беше во Сингапур и во Виетнам во мисија на зацврстување на односите на САД со регионот.

Патувањето беше засенето од веројатно најголемиот надворешнополитички дебакл на САД во последните децении. Многу влади во Југоисточна Азија беа принудени итно да ги извлечат своите државјани од Авганистан. Кон тоа се надоврза загриженоста дека  победата на исламистите во Авганистан може да ја зголеми терористичката опасност во Југоисточна Азија.

Ангажманот на САД под будно око

Сингапурскиот премиер Ли Ксеин Лунг на 23 август на заедничката прес конференција со Харис изјави дека следните чекори на САД ќе влијаат на перцепцијата за „решителноста и ангажманот на САД во регионот“.

Во децениите по Виетнамската војна, интересот на САД за Југоисточна Азија во надворешнополитички кругови се сметаше за „добронамерно запоставување“. Во поблиско минато тоа се промени, во 2011 година тогашниот претседател Барак Обама најави свртување кон Азија. Тоа се должеше на економскиот подем на регионот, но и на сѐ подрскиот настап на Кина.

„Во Југоисточна Азија отсекогаш постоел извесен страв од посилно присуство на САД во регионот. Не верувам дека Авганистан тука нешто ќе промени“, вели Бони Глејсер, раководителка на Програмата за Азија во фондацијата Џерман Маршал.

Infografik Karte Südchinesisches Meer DE
Области каде Кина има свои аспирации

САД за најголем број влади од Југоисточна  Азија се важен економски партер во стопански и безбедносни поглед. Со Тајланд и Филипини постои договор за сојузништво, со Сингапур и во меѓувреме важниот партнер Виетнам постои тесна воена соработка.

Во територијалниот спор со Кина околу областа на Јужнокинеското Море, САД се ставија на страната на Виетнам, Малезија и Индонезија. Во светлината на итното повлекување од Авганистан, некои влади меѓутоа се сомневаат дали САД навистина би им помогнале ако дојде до вооружен конфликт со Кина.

Југоисточна Азија не е Авганистан

Јужноазиските влади сепак се свесни дека американските интереси во регионот силно се рзликуваат од оние кои Вашингтон се обидува да ги спроведе на други места. Интервенцијата во Авганистан беше насочена кон сузбивање на тереоризмот и т.н. градење нација, поддршка во создавање правна и демократска држава. Во Југоисточна Азија нема потреба од градење нации, Вашингтон сака само продлабочување на постојните алијанси со стабилни држави.

Во Авганистан САД сами си ставија во задача да дадат голем придонес во внатрешната стабилност и финаниски да ѝ помогнат на слабата и осиромашена држава. Ни тоа не е споредливо со Југоисточна Азија, зашто одделни тамошни нации ги одликува изразит економски раст, од кој можат да профитираат и американски фирми. Според американските податоци, регионот е четврт по големина трговски партнер на САД.

Поголемо внимание на САД за Југоисточна Азија?

Некои анаитичари во Југоисточна Азија набљудуваат дали повлекувањето на трупите на САД од Авганистан ќе води кон засилен американски ангажман во други клучни региони. „Владата на Бајден ја почна работата и со најава дека фокусот од Централна Азија и Блиски Исток ќе биде пренасочен кон Индопацификот. Повлекувањето од Авганистан беше дел од овој план, иако беше лошо спроведено“, вели Чонг Ја Лан, професор по политички науки на Државниот унверзитет во Сингапур, во разговор со Дојче веле.

„Ако повлекувањето од Авганистан води кон поробустно и поефективно присуство на САД во Југоисточна Азија, Американците би можеле да дојдат во положба да го прошират нивниот ангажман и да го ограничат кинеското влијание во регионот“, додава тој.

US-Vizepräsidentin Kamala Harris
Камала Харис беше во посеета на држави од Југоисточна АзијаФотографија: Evelyn Hockstein/Reuters/AP/picture alliance

Некои јужноазиски влади беа збунети од ставот при крајот на претседателството на Доналд Трамп, првенствено што на АСЕАН самитот во 2019 година немаше висок по ранг претставник на САД. И во првите месеци на Џо Бајден се слушнаа поплаки за загубен интерес на САД за регионот, што веројатно беше причина за патувањето на Харис на крајот на август. Нејзината порака до регионот беше: Америка се врати.

На крајот на јули американскиот министер за одбрана Лојд Остин ги посети Сингапур, Филипини и Виетнам. Во мај заменичката министер за надворешни работи Венди Шерман беше во Индонезија, Тајланд и Камбоџа. Нејзиниот шеф Ентони Блинкен неодамна учествуваше на министерката средба на групата АСЕАН.

Дали повлекувањето од Авганистан ќе ги анулира овие чекори на градење доверба? „Во секој случај ќе придонесе кон несигурност околу американскиот ангажман. Но регионот е генерално уверен дека САД не можат да ја напуштат Југоисточна Азија“, вели Јун Сун, ко-директор на Источноазиската програма во Стимсон центарот во Вашингтон.

Нови сојузи контра Кина

Кон ова се надоврзува фактот што регионот претставува решавачка бина на ривалството меѓу Вашингтон и Кина. „Од овој аспект Југоисточна Азија е епицентарот на конкуренцијата“, вели Јун Сун.

Притоа не станува збор само за спорните острови, чиј сопственик може да контролира големи делови од Јужното Кинеско Море заедно со природните богатства. Предмет на спор стана и водата од реката Меконг, која од Кина, долж границата меѓу Тајланд и Лаос, тече сѐ до Камбоџа и Јужен Виетнам. Овие два фактора на регионалните влади им го гарантираат вниманието од Вашингтон. 

„Југоисточна Азија посакува САД и Кина да се натпреваруваат за нејзино внимание, но владите во регионот опстојуваат на притисокот да се одлучат за една од нив“, вели Сун. Но, некои влади стравуваат дека „САД се интересираат за нив само поради Кина“, вели анаитичарката. Значи, американскиот интерес за регионот би можел да спласне, смета Сун, ако во Кина некогаш не се гледа важен ривал.