Дали е ова вистинскиот момент за Хрватска во ЕУ?
1 јули 2013Хрватска според својата географска положба и историја се разбира дека припаѓа кон Европската унија, заедницата на европските демократии. И таа, како и сите други држави на Балканот, мора да припаѓа кон ЕУ, веќе и само заради стабилизирање на регионот и за да се оневозможат во иднина братоубиствени војни како по распадот на Југославија. Луѓето во Хрватска имаат потреба од европска перспектива. Тоа и ЕУ постојано го ветуваше и на тоа и се обврза со договор. Сега тоа станува реалност, но се поставува прашањето: дали јули 2013 е вистинскиот момент за пристапување.
Фактите велат - не!
Хрватскиот правосуден и полициски апарат, и покрај процесот на прилагодување, се’ уште не се сигнати до европско ниво. Проблемите со гонењето на организираниот криминал корупцијата можат да бидат уште поголеми отколку што беа и се’ во Романија и Бугарија. Економски погледнато Хрватска е кризна земја. Стопанството бележи пад, дефицитот е двојно поголем отколку што е предвидено со европскиот пакт за стабилност. Стапката на невработеност кај младите изнесува 40 проценти. Може да се аргументира дека Хрватска како членка на ЕУ подобро ќе може да излезе на крај со тие проблеми. Тоа може и да е точно, дотолку повеќе што со пристапувањето ќе се зголеми обемот на средствата што Хрватска ги добива како помош од Брисел. Но, тешко е на луѓето во Унијата да им се објасни, зошто, покрај товарот со Кипар, Грција, Шпанија, Португалија и Ирска, ЕУ прима уште една кризна земја?
Увоз на етнички тензии?
Прашањето дали ЕУ во моментов воопшто е во состојба да се проширува, никогаш не беше сериозно дискутирано. Со приемот на Хрватска расте опасноста во ЕУ да бидат увезени и старите конфликти со некогашните воени противници и етничките тензии од Балканот. Во моментов е мирно, но во иднина Хрватска како член на ЕУ би можела, на пример, да го попречува пристапот на кандидатот Србија. Подобро би било сите некогашни југословенски републики да бидат истовремено примени во ЕУ. Но, за тоа ќе мораше уште пред приемот да бидат расчистени конфликтите, на пример во Босна и Херцеговина или меѓу Србија и Косово. Се’ уште не е сигурно дали влегувањето на Хрватска на долг рок ќе биде од полза за ЕУ.