1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е дојден крајот на Викиликс?

Гинтер Биркеншток/ Жана Ацеска4 март 2013

Информантот на Викиликс се наоѓа пред суд, соосновачот Џулијан Асанж е забарикадиран во една амбасада во Лондон, дали завршија ѕвездените мигови на познатата интернет платформа?

https://p.dw.com/p/17pwk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Минатата недела името на интернет платформата Викиликс уште еднаш се појави на насловните страници на медиумите. Но, овојпат не поради откривање бризантни информации од доверливи документи. По илјада дена затвор американскиот војник Бредли Манинг, обвинет за издавање тајна, призна дека Викиликс ги објавил информациите кои тој ги доставил. 25-годишниот војник во 2009 и 2010 година работел како аналитичар во тајната служба на Американците во Багдад.Тој е обвинет пред воен суд за илегално издавање во јавност на тајни анализи од Ирак и од Авганистан, дипломатски депеши од американското министерство за надворешни работи и доверливи документи и две видеа од  борбените области. Викиликс во 2010 и 2011 објави илјадници документи без да ги наведе изворите. Случајот претставува најголемо откривање на доверливи информации во историјата на САД.

Се‘ се врти околу Асанж

Признанието на Манинг и судската постапка на Викиликс и‘ носи само краткотрајно внимание на јавноста, смета политичкиот блогер и специјалист за интернет, Маркус Бекедал. Но, порталот моментно премногу е преокупиран сам со себе и неговиот спорен соосновач Џулијан Асанж.

„Шанса за Викиликс постои само ако порталот повторно се врати на суштинската задача. Тој мора да пронајде безбедно место од каде луѓето ќе можат да симнуваат документи, укажувајќи на неправилности“.

Освен тоа, Викиликс треба да се погрижи овие информации да остануваат нецензурирани во мрежата.

Џулијан Асанж од јули 2012 година се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон. Јужноамериканската земја му понуди прибежиште пред обидот на Шведска да и‘ биде израчен поради обвинување за сексуално злоставување  и пред намерата на САД да го обвини за објавување тајни документи.

Julien Assange Videokonferenz Video Ecuador UN Generalversammlung New York USA
Џулијан Асанж сепак влезе во историјаФотографија: dapd

Блокирани канали на информации

Викиликс беше основан во 2006 година и предизвика внимание со спектакуларно објавување американски тајни документи. Но, одделни страници на интернет платформата беа повеќепати блокирани. Од септември 2010 година од страницата на Викиликс не е можно симнување никакви документи. Со тоа, на многумина тајни информанти веќе не им е возможно да и‘ испраќаат податоци по сигурен пат. За инсајдерите се‘ уште постојат начини да го снабдуваат Асанж и Викиликс со бризантни документи, смета Маркус Бекедал.

Викиликс како пример

Најголемата заслуга на Викиликс, според Бекендал, е тоа што го почна трендот на објавување тајни информации и оригинални документи:

„Во новинарските текстови секогаш има измени. Но, преку оригиналните текстови  е можно контролирање на новинарите, со што се подобрува новинарството“. Бекедал се надева дека нова генерација новинари во интернет мрежата ќе објавува повеќе оригинални документи.

Но, блогерот укажува и на друг аспект-со некои разоткривања на Викиликс се доведуваат во опасност и луѓе:

„На пример, требаше да се биде повнимателен со објавувањата имиња на лица кои живеат во репресивни системи и разговарале со американските амбасади“.

Во меѓувреме многумина ја презедоа задачата на Викиликс да објавува доверливи документи, на пример Балканликс, кој предизвикува бранувања во Балканот, но работи со новинарска поддршка, укажувајќи на неправилности и корупција.

И поранешниот соработник на Викиликс Даниел Домшајт Берг во 2011 основаше нов интернет портал, Оупенликс. Но, тој не сака и не може да биде замена на Викиликс, смета Бекедал. Притоа, идејата за укажување на неправилности преку објавување доверливи податоци не е нова, но Викиликс покажа како тоа функционира во 21 век. Зашто, информанти имало отсекогаш во историјата, некои станале славни, некои останале непознати. „Оние кои го открија Вотергејт скандалот, беа големи херои во САД, и се‘уште ги канат како експерти во дебати на оваа тема“, истакнува Маркус Бекедал.