Дали во БиХ има потенцијални терористи?
15 јули 2010Според податоците на Разузнавачко-безбедносната агенција (ОСА), на кои се повика пратеникот Славко Јовичиќ на синоќешното заседание на државниот парламент, во БиХ се регистрирани 3000 потенцијални терористи. „Опасност се 3000 идентификувани лица! А колку има уште потенцијални?“, се запраша Јовичиќ. Пратеникот Бакир Изетбеговиќ тврди дека „поради еден изолиран инцидент не може да се етикетира која било група во БиХ“. „Можеби има 3000 муслимани, кои некој ги нарекува радикални поради подолгата брада, но не верувам дека сите се потенцијални терористи. Имавме само еден терористички акт кој може да се поврзе со радикалниот исламизам“, вели Изетбеговиќ.
Информацијата на ОСА за 3000 потенцијални терористи го изненади и државниот министер за безбедност Садик Ахметовиќ. Тој истакна дека неговото министерство нема оперативна надлежност врз разузнавачките служби, и така всушност зависи од информациите кои ги добива од нив.
Нова генерација потенцијални терористи
Д-р Владо Азиновиќ, кој професионално се занимава со изучување на тероризмот како феномен на политичкото насилство, предупредува од сложената структура на полициските и другите агенции за спроведување на законите, особено од испреплетеноста на надлежностите и лошата комуникација. „Ова не се проблеми само на БиХ. На пример, во САД каде има повеќе десетици безбедносни служби кои се занимаваат со овој проблем, исто така постои проблем со координирањето“, истакнува д-р Азиновиќ. Но, тој предупредува дека тоа не е единствениот проблем на БиХ во борбата против тероризмот: „Не сум сигурен дека луѓето од полицијата во БиХ имаат можности да направат се‘ што сметаат дека е потребно, делумно поради можните политички притисоци, а делумно и поради недостатокот на квалификувани луѓе и недоволни финансии.“
„Во врска со списоците на потенцијални терористи, на почетокот тоа беа списоци на странци, потоа списоци на државјани на БиХ поврзани со странците, но сега ситуацијата е значително посериозна“, предупредува професорот Азиновиќ. Тој вели дека „во БиХ има нова генерација која нема никаква врска со војната или со луѓето кои во војната биле поврзани со странските доброволци“. Азиновиќ истакнува дека тоа е „нова генерација која растела со интернетот и со разни облици на идеолошка и друга индоктринација“ и порачува дека по нападот во Бугојно станало јасно дека станува збор за сериозен проблем, на кој треба соодветно да му се пристапи.
Граѓаните се уплашени, а довербата во полицијата е разнишана
По објавените информации за бројот на потенцијални терористи во БиХ, разговаравме и со граѓаните на Сараево. Сакавме да дознаеме дали се загрижени и дали имаат доверба во полициската агенција. Поголемиот дел од нив се уплашени, особено по терористичкиот напад во Бугојно, но некои од нив не се плашат. „Јас не се плашам“, вели еден сараевчанец, истакнувајќи дека полицијата треба да има поголеми овластувања и финансиска поддршка. Друг истакнува дека се плаши „оти станува збор за организирани сили кои се подготвени да извршат ненадејни напади“. „Тоа е страшно и многу сум уплашена“, вели една сараевчанка.
Ако земјата сака да му се спротивстави на тероризмот мора да има Закон за превенција и борба против тероризмот и терористички активности, како и материјално и финансиски посилни агенции за спроведување на законите, тврдат експертите и надлежните од институциите на владата во БиХ. Тие истакнуваат дека е неопходно да се спречи финансирањето на тероризмот и да се усвојат законите за оружје и промет на експлозивни материјали, како и Закон за заштита на тајни податоци.
Автор: Самир Хусеиновиќ/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска