1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Далај Лама се среќава со Барак Обама

18 февруари 2010

Претседателот Барак Обама ќе се сретне со тибетскиот духовен водач Далај Лама, и покрај протестите на Кина. Пекинг се заканува со воведување санкции против американските фирми, поради посетата на Далај Лама на Вашингтон.

https://p.dw.com/p/M4Od
Далај ЛамаФотографија: DW

Портпарол на кинеското министерство за надворешни работи побара од американскиот претседател Барак Обама да ја откаже средбата со духовниот водач на Тибет, за да не предизвикува натамошни штети на кинеско-американските односи. Обама, меѓутоа, изјави дека се радува на конструктивните разговори со Далај Лама, како што соопшти портпаролот на Белата куќа.

Односите меѓу САД и Кина во последно време се значително заладени. Причината меѓу другото е најавената голема пратка американско оружје за Тајван во вредност од 6,4 милијарди долари, која во Пекинг наиде на остри критики. За затегнатоста придонесуваат и прашањата поврзани со слободата на интернетот, трговијата и постојниот спор околу вреднувањето на кинеската валута.

Obama Dalai Lama Kombo
И покрај притисокот од Пекинг Обама ќе се сретне со Далај ЛамаФотографија: AP / AP /Montage

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во Париз неодамна изјави дека Кина мора да се приклучи кон построги санкции против Иран, ако не сака да биде дипломатски изолирана и економски бојкотирана.

По почетната воздржаност од покажување цврстина кон Пекинг од страна на Барак Обама, за разлика од неговите претходници, сепак беше само прашање на време кога ќе случи ново заладување, истакнува експертот за Кина, Нина Хачигиан од либералниот Центар за американски прогрес. Во американско-кинеските односи, порано или подоцна, секогаш доаѓа до спорни теми. Односите меѓу САД и Кина се комплицирани. Сегашните реакции на Пекинг на посетата на Далај Лама на Вашингтон се големи, но не поостри отколку во минатото, тие се еочекувани, смета Хачигиан. Таа е оптимист во однос на иднината, за разлика од другите експерти за Кина, кои очекуваат натамошна затегнатост на релација Вашингтон-Пекинг. Постои толку голема безбедносно-политичка и еконосма меѓусебна зависност, што мора да се најдат патишта за соработка во подрачјата кои се од обострана важност, а разлики на други теми и натаму ќе има, вели Хачигиан.

Автор: Кристина Бергман/Жана Ацеска/дпа/

Редактор: Александра Трајковска