1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се спаси угледот на Германија во Авганистан

Мартин Гернер3 септември 2008

Поинтензивното вовлекување на германските војници во борбите во Авганистан предизвика бурна дебата во германската јавност. Состојбата и јавната дебата ги коментира Мартин Гернер во следниот прилог.

https://p.dw.com/p/FAlH
Угледот го спасуваше и Министерот за одбрана Јунг: на сликата со гувернерот на покраината и племенски старешина во градот КундусФотографија: picture-alliance / dpa


Највисок приоритет во моментов е да се спаси угледот на Германија во Авганистан. Затоа владата повлече потези кои испраќаат недвосмислена порака: сменет е командирот на патролата која уби авганистански цивили; на нивните најблиски им е понудено обесштетување; Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг беше во посета на земјата.


Отежната ситуација


Задача на германските војници стана потешка, меѓу другото и поради изменетата ситуација на теренот. Силите на НАТО, меѓу кои се и германските војници, дозволија американските генерали да ги вовлечат во борбата против тероризмот, иако на почетокот имаше поинаков договор. Тоа се покажува како фатално: воен и политички сојуз како НАТО, кој тврди дека се бори за зачувување на човековите права, не може да си дозволи секоја недела да биде виновен за смрт на цивили. Тоа шири страв и недоверба кај локалното население, кое повеќе не е во состојба да разликува кои странски војници се „добри“, а кои „лоши“. Така и војниците на Бундесверот се наоѓаат се' повеќе во ситуација да се борат на два фронта.


Избрзано повлекување на војниците - никако


Она што е најбитно во вака усложнетата ситуација е да се зачува студена глава. Избрзано повлекување на германските војници од Авганистан би било во секој случај погрешен сигнал и за авганистанската влада и за бутновниците. Најдобрата замена за војниците на Бундесверот во Авганистан би биле добро обучени авганистански војници, кои и’ се верни на владата на Хамид Карзаи. Истото важи и за добро обучени полицајци. Но, патот до обете е долг и не е едноставен.


Зголемување на бројот војници уште помалку


Еднакво погрешна мерка како и избрзаното повлекување, би било и испраќањето поголем број војници во Авганистан. Дури ни планираните 1.000 војници повеќе, што ги овозможува сегашниот мандат од Парламентот, би биле од повеќе. Како потврда за тоа нека послужи горчливото искуство на Советската армија, на која во 80-тите години не и’ беа доволни ни 200.000 војници за да ја држи земјата под контрола. Она што може да помогне, тоа е стратегија на Западот, во која јасно и’ се дава предност на политиката и помошта пред воените средства.


Проблемот - Пакистан


Конечно, има уште еден фактор од огромна важност за безбедноста на германските војници на Хиндукуш. Тоа е Пакистан. Токму во неговите планински предели што се граничат со Авганистан се формираат бутновничките сили на Талибанците, кои потоа се борат против сојузниците во Авганистан. Затоа е неопходно пред се’ САД, но и другите земји на Западот, да извршат уште поголем притисок врз пакистанската армија и тајните служби да ги вложат сите можни напори сушење на талибанското „мочуриште“ на нивна територија.


Освен тоа неопходно е создавање голем број нови работни места за Авганистанците, како и борба против корупцијата во земјата. Сето тоа ќе биде многу потешко доколку на претстојните избори не победи актуелниот Претседател Хамид Карзаи, како што предвидуваат анкетите. Неговото сменување би било јасен глас на авганистанскиот народ против Западот.