Да се открие вистината за Карпалак
9 август 2007Преживеаните и семејствата на загинатите бараат да излезе на виделина вистината за Карпалак и зошто воениот конвој доаѓаше во Тетово без речиси никакво обезбедување.
Еден од преживеаните резервисти од Прилеп изјави: “Тревава се покрила некако, ама раните на душата што останале никако не се покриваат. Останува вечна рана и да се откријат виновниците. Шест години се бараат виновниците. Се знае каде се тие: се шетаат слободно. Белки ќе се каже дека бил одговорен некој за ова".
Ацо Јовановски – Реган, возачот на автобусот, кој успеал да ги спаси другите војници од сигурна смрт со извлекување на возилото низ дождот од куршуми и гранати, го потенцира заедничкото барање: “Ветувано беше од експремиерот и министер Владо Бучковски дека во најскоро време, уште за време на неговиот мандат, ќе биде подигнат споменик за Карпалак. Меѓутоа, тоа го нема”.
Лилјана Стерјовска, државен секретар во Министерството за одбрана, која заедно со командантот на Здружената оперативна команда на АРМ, генерал – потполковникот Атанас Јовчевски, положи букети цвеќе на банкината и малата спомен – плоча, во врска со ова барање одговори: “Сметам дека треба да биде и мислам дека ќе биде, но не знам да кажам кога навистина. Проект нема се уште".
Возачот Јовановски тврди дека по трагедијата кај Карпалак уште четворица резервисти починале, некои од здобиените повреди, а некои од претрпените психички трауми: “Карпалачкиот синдром си го прави своето. Последниот од нив е Рубинчо Петревски, починат во мај годинава од инфаркт, кој беше тешко ранет во автобусот”.
На Карпалак почит на загинатите резервисти од Прилеп им оддадоа и граѓани на Тетово.