1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260210 ISAF Bundestag

26 февруари 2010

Германскиот Бундестаг го изгласа предлогот на германската влада за испраќање на дополнителни 850 војници во Авганистан. Седницата помина без проблеми - освен исклучувањето на пратениците од левицата.

https://p.dw.com/p/MDIV
Зголемен број војници од Бундесверот на ХиндукушФотографија: picture-alliance/ dpa

Дебатата околу германската стратегија во Авганистан и мисијата на Бундесверот на Хиндукуш се` уште не беше вистински почната, кога во Парламентот дојде до скандал. На говорницата стоеше пратеничката Кристијане Бухолц од опозициската Партија на левицата, која е против мисијата во Авганистан.

„По средбата со преживеаните ми стана јасно, без разлика дали сакате да признаете или не, Германија е вклучена во војна против обичното население во Авганистан.“

Во овој момент сите пратеници на левицата станаа од своите места, со плакати во рацете на кои беа испишани имињата на загинатите во воздушниот напад од Кундус. Минатиот септември во овој напад загинаа 142 цивили, откако НАТО бомбардира две цистерни, украдени од талибанците. Нападот беше нареден од германски командант. Претседателот на парламентот, Норберт Ламерт од владејачката ЦДУ, не сакаше да ги прифати мирните демонстрации на левицата.

„Неотповикливо ве замолувам да ги спуштите плакатите. Сите колеги, кои нема да ја почитуваат оваа наредба, се исклучени од натамошниот тек на седницата.“

Ламерт одлучи строго да ги почитува прописите за однесување во Бунестагот, кој налагаат дека демонстрации во пленарната сала не се доёволени, а прекршувањето на овој пропис се казнува со исклучување од седницата. По интервенцијата на координаторот на пратеничката група на левицата, на нивните пратеници им беше дозволено да гласаат.

Опозицијата бара „перспективи за повлекување“

Deutschland Bundestag Afghanistan Debatte Westerwelle und Merkel
Меркел и Вестервеле се држеа на страна од дебатата во парламентотФотографија: AP

Со убедливо мнозинство од 429 гласа „за“, 111 „против“ и 46 „воздржани“, германскиот парламент одлучи да го одобри зголемувањето на германскиот контингент во Авганистан и продолжување на мандатот на мисијата ИСАФ. Со исклучок на инцидентот со левицата, седницата помина релативно без поголеми политички возбудувања. Ниту министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле, ниту министерот за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг не излегоа на говорницата да ја бранат новата германска стратегија за Авганистан. Во име на владејачката Христијанско-демократска унија настапи Андреас Шокенхоф, експерт за надворешна политика. Според него, мисијата во Авганистан може да заврши само тогаш кога Авганистан веќе нема да претставува закана за меѓународната заедница.

„Ќе и` наштетиме на сопствената безбедност, доколку се повлечеме пред време. Авганистан не смее да се претвори во пропадната држава, од која терористите ќе можат да работат против нас.“

Ренате Кинаст, координаторка на пратеничката група на Зелените, упати критики на сметка на министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле. Спред Кинаст, тој си го трошел времето на погрешни теми. Наместо да се меша во внатрешнополитички теми, осумдесет часови неделно требало да се занимава со новата стратегија за Авганистан. И шефот на пратеничката група на социјалдемократите, Франк Валтер Штајнмаер, кој до септември самиот беше министер за надворешни работи, не ја поштеди владата на канцеларката Ангела Меркел.

„Немојте погрешно да го сфаќате ставот на СПД. Тоа (што гласаме за новата стратегија за Авганистан) не е знак на доверба во оваа влада. За жал, во изминативе 120 дена од нивното владеење не заслужија такво нешто.“

Иако пратениците од СПД гласаа за зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, од клучно значење е да се постават јасни перспективи за повлекување на Бундесверот од таа змеја.

Автор: Бетина Маркс / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска