Гутенберг зборува за „војна“ во Авганистан
5 април 2010Претседателот на Авганистан Хамид Карзаи се закани со вето врз планираната офанзива на НАТО во регионот Кандахар, доколку идната операција не добие поддршка од локалното население. Карзаи можната блокада ја најави вчера вечер пред околу 1.500 најстари членови на племињата. Претседателот на Авганистан на средбата го придружуваше командантот на НАТО за Авганистан, американскиот генерал Стенли Меккристал. Но тој не даде никаква изјава за најавите на Карзаи. Американскиот генерал мајор Вилијам Мејвил се обиде да го намали значењето на зборовите на претседателот. Карзаи ги поддржува намерите и се обидува да добие поддршка од населението, смета тој.
Телата на загинатите војници пренесени во Германија
Во меѓувреме телата на германските војници, кои изминатиот петок ги загубија животите во борбите со талибанците се пренесени во Германија. Претходно во базата во Кундус им беше оддадена последна чест на војнците, кои беа на ворзаст меѓу 25 и 35 години.
Одговорниот командант, бригадниот генерал Франк Леиденберг во својот говор истакна оти сите се надевале дека нема да доживеат таков ден: „Нашата мисија во Авганистан ќе продолжиме да ја извршуваме без нашите другари. Нивната смрт не смее да биде залудна. Ќе се бориме понатаму и ќе победиме.“
Германија нема да ги повлече трупите
Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг во меѓувреме ги отфрли барањата за повлекување на трупите. Должни сме им на повредените и загинатите војници, рече министерот: „Остануваме во Авганистан, затоа што спроведовме промена на стратегијата, промена на стратегијата која е во тек.“
Со оглед на ескалацијата на насилството, Гутенберг се дистанцираше од поранешниот термин, според кој ангажманот во Авганистан беше означен како операција за стабилизирање на земјата. Германскиот министер за одбрана зборува за „војна“ во оваа земја. Поради реалноста во регионот, човек може да го употреби овој термин, изјави Гутенберг на прес конференцијата во Бон.
Автор: АТ/БГ/дв/ртр
Редактор: Александра Трајковска