121109 Guttenberg Afghanistan
12 ноември 2009Земјата што новиот германски министер за одбрана ја одбра за цел на првото патување во странство се наоѓа во тешка и комплицирана состојба. Во Авганистан неодамна завршија тешките претседателски избори, коишто, според многумина експерти, не им соодветствуваа навистина на демократските стандарди. Земјата има така старо-нов претседател, кого го очекуваат тешки времиња, оценува политикологот Харун Мир: „Што се однесува до народот, тој нема легитимност. Авганистанците го сметаат целиот процес за неуспешен. Веродостојноста на претседателот Карзаи повторно зависи од меѓународната заедница.“
Војна или не?
Министерот Гутенберг значи престојува во Авганистан во важен политички миг. Во неговите средби и разговори, меѓутоа, ќе станува збор пред се’ за безбедносната ситуација, особено на северот од земјата, каде се стационирани германските војници. За нејзината сериозност заменик шефот на Генералштабот на ИСАФ силите, Ханс Ерих Антони, неодамна во едно радио-интервју посочи: „Состојбата во Кундуз во минатата и во оваа година сериозно се влоши. Забележавме многу поинтелигентни напади.“
Новиот германски министер за одбрана за само две недели, колку што е на функцијата, веќе многу повеќе му се приближи на терминот војна за настаните во Авганистан, отколку неговиот претходник Јунг во изминатите години. Во едно интервју тој рече дека без сомнение станува збор за состојби слични на војна и дека има големо разбирање за секој германски војник, кој вели дека во Авганистан се води војна. Токму вчера беше тешко ранет еден од нив, кога милитантни исламисти истрелаа ракета врз возило на германската армија во покраината Кундуз, по што уследила едночасовна престрелка.
За состојбата во Кундуз главниот командант на ИСАФ силите, американскиот генерал Стенли Меккристал неодамна појасни: „Тоа значи дека ни‘ требаат повеќе сили за безбедност. Потребна ни‘ е соодветна комбинација од војници, полиција, тајни агенти, авганистански војници и можеби НАТО сили, во кои спаѓаат германските војници.“
Чувствителната тема за зголемување на бројот германски војници во Авганистан веројатно ќе игра голема улога во разговорите на министерот Гутенберг. Сигурно не е случајно што новиот германски министер за одбрана толку брзо го посетува Авганистан и тоа како цел на неговото прво патување во странство.
Автор: Каи Кистнер / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска