Гуаидо за ДВ: Армијата веќе не го поддржува Мадуро
30 април 2019Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо смета дека почнала одлучувачката фаза во борбата за превласт во земјата. Почна крајот на угнетувањето од страна на Мадуро, изјави Гуаидо во видео објавено на неговиот Твитер-профил.
Тој на снимката е во придружба на луѓе во воени униформи. Гуаидо алудира на поддршка од страна на армијата: „Националните безбедносни сили донесоа исправна одлука и сметаат на поддршка од страна на венецуелскиот народ“, вели Гуаидо, кој според сопствени зборови се наоѓа во воздухопловната база Ла Карлота кај Каракас. Тој ги повика сите припадници на воените сили да му се придружат. „Операцијата слобода“, вели Гуаидо, влегува во одлучувачка фаза.
Во ексклузивно интервју за ДВ-ТВ Латинска Америка, претседателот на Нацоналното собрание на Венецуела, Гуаидо, изјави дека воените сили во земјата даваат поддршка за промени и го почитуваат Уставот. „И покрај следењето од страна на агенти и воени лица во рамките на воени сили, тие веќе не се на страната на Мадуро“, оцени Гуаидо за Дојче веле.
„Чавистите се тие што ја узурпираат власта, тие не го признаа нашиот Устав и го угнетуваат населението. Што и да се случи, нема да нѐ запрат. Нашиот процес се движи чекор по чекор и мирно во рамки на нашиот Устав. И натаму сме за ненасилство. Демократијата, без сомневање, ќе се врати во Венецуела, со поддршка на луѓето на улиците и на меѓународната заедница“, изјави во ексклузивно интервју за телевизија Дојче веле, Хуан Гуаидо.
Социјалистичката влада на претседателот Николас Мадуро пак тврди дека на Гуаидо му се приклучила мала група војници. Се зборува за обид за пуч и се повикува народот „да остане во состојба на максимален аларм“.
Со години затворениот венецуелски опозициски лидер Леополдо Лопез во меѓувреме на својот Твитер-профил објави дека е ослободен до домашен притвор. „Ме ослободија војници по барање на претседателот Гуаидо“, пишува Лопез и наведува дека и тој се наоѓа во воената база Ла Карлота.
Лопез е затворен од 2014 година, по протестите против владата во која загинаа повеќе од 40 луѓе. Судот го осуди на 14 години затвор поради подбуцнување насилство. Во последно време Лопез казната ја отслужуваше во домашен притвор.
За утре Хуан Гуаидо најави најголеми протести во историјата на земјата. Мадуро тврди дека Гуаидо е марионета на обидите за преврат со кои се управувало од САД.