Грчки војници во турски притвор: опасност од ескалација?
10 март 2018Уште никој не знае како можеше да се случи тоа: во минатиот четврток (1.3.) двајца грчки војници беа уапсени откако илегално ја преминале копнената граница со Турција. Тие се наоѓаат во притвор во западниот турски град Едрене. Обвинети се за „недозволено влегување на забранета воена зона". Се чини првично споменатото сомнение за воена шпионажа повеќе не е одржливо.
Сепак, воените експерти во Атина стравуваат од нова конфликтна линија меѓу двата партнера во НАТО и негогашни архи-непријатели. Поранешниот началник на Генералштабот на грчката армија Манусос Парајудакис во телевизиското интервју објаснуваше дека војниците веројатно биле намамени во заседа и киднапирани од страна на турските специјални сили. Некои аналитичари дури се сомневаат дека апсењето навистина се случило на турската страна на границата.
Новораспламтени тензии
Во секој случај, од грчка гледна точка, јасно е дека несакани преминувања на границата често се случуваат поради лошите временски услови и видливоста во регионот - и тоа во двете насоки. Атинскиот весник Катимерини цитира еден војник кој бил стациониран таму девет месеци и известува дека за тоа време само грчките патроли трипати залутале во Турција а и Турци, исто така, двапати биле апсени на грчка територија. „Таквите инциденти не се ретки и обично се решаваат од страна на локалните претпоставени", потврдува Парајудакис. Јасно кажано: локалниот грчки офицер го повикува својот турски колега - или обратно - и работата се решава по краток службен пат, без некој да заврши пред суд.
Зошто овојпат е поинаку? „Бидејќи во моментов во грчко-турските односи владее еден сосема поинаков тон", истакнува Константинос Филис, директор за истражување на Атинскиот институт за меѓународни односи, во интервју за ДВ. Има повеќе отворени прашања за кои Турција дејствува како казнувач. Ова го вклучува и барањето во насока на Атина да израчи курдски активисти во Турција. Или дури и обвинението на Анкара дека Грците илегално испраќаат мигранти назад во Турција, вели аналитичарот.
Војниците како гаранција?
Особено напрегнати билатералните односи станаа по неуспешниот државен удар во Турција во летото 2016 година. Тогаш, осум турски офицери избегаа со хеликоптер во соседната земја и аплицираа за азил таму. До ден-денес, грчкото судство одбива да ги екстрадира во Турција. Анкара протестира, Атина укажува на независноста на судовите. Во наредните недели, се очекува појаснувачка пресуда на Врховниот управен суд на Грција. Се наметнува претпоставката дека грчките војници во турскиот затвор може да служат како гаранција. „Ние не сме во војна со Турција па да разменуваме затвореници", предупредува заменик-министерот за надворешни работи, Јоргос Катругалос. Турската влада, исто така, негира дека стреми кон размена. Сепак: „Ако премиерот Алексис Ципрас му се јави на својот колега во Анкара за уапсените војници, може да појдеме од тоа дека неговиот соговорник повторно ќе укаже на тековниот спор за турските офицери", вели Константинос Филис. Дотогаш, најнапред се менуваат улогите: имено Атина бара ослободување на сопствените војници, турската страна сега од своја страна укажува на независноста на судството.
Повеќе:
- Атинската пресуда за турските војници со експлозивна сила
-Грција и Турција: кавги наместо помирување
-Солун - омилена дестинација за критичарите на Ердоган
Ципрас сѐ уште не го земал в рака телефонот. Токму тоа е исправно, вели Алексис Папачелас, директор на весникот Катимерини. „Премногу контакт со некој како Ердоган не ветува ништо добро", предупредува новинарот. Во четвртокот левичарскиот премиер во парламентот рече дека ќе се јави во вистински момент, кога ќе биде јасно дека разговорот ќе води кон резултати. Конзервативната опозиција ги обвинува Ципрас за неактивност. Критиката доаѓа и од коалицискиот партнер, десничарската популистичка партија АНЕЛ: „Ципрас требаше да се јави од првиот момент", критикува пратеникот на АНЕЛ, Димитрис Каменос. Во меѓувреме, впечатливо мирен беше лидерот на АНЕЛ и министер за одбрана, Панос Каменос, кој е во работна посета на Романија додека Ципрас одговара на прашања во парламентот. Не е изненадување што одговорниот министер молчи, вели политикологот Филис: „Каменос едвај има контакт со својот турски колега или со некој друг во Турција. Логично е е да се држи на страна; затоа што само сакаме да ги решиме постојните проблеми и да не создаваме нови ... "
Предупредувања од екстремисти
И конечно, но не и помалку важно; конфликтот на површина ги исфла најекстремните. Во минатиот понеделник, приврзаниците на неонацистичката партија„Златна зора" се собраа пред турската амбасада во Атина и запалија турски знамиња. Веднаш потоа, имаше и протестен митинг на турските националисти пред грчката амбасада во Анкара. Политикологот Филис предупредува: „Екстремистите на двете страни си обезбедуваат муниција едни на други. Тие ќе ја постигнат својата цел ако им дадеме можност да ја одредуваат агендата ... "