Грција стравува за туризмот
1 јуни 2015Лани Грција ја посетија рекордни преку 24 милиони луѓе. Со тоа само туристичката бранша создаде 50 илјади нови работни места во земјата и придонесе за Грција да оствари мал стопански пораст по шест последовно години рецесија. За прв пат по 1948 година Грција имаше буџетски суфицит. Годинава цел е да биде поставен нов рекорд од 25 милиони посетители. Германските туристички агенции во изминатите месеци ја нудат Грција како врвна понуда зе претстојното лето.
Но, прогнозите се помрачени од се’ уште отворениот спор во врска со натамошното кредитирање на презадолжената земја, укажува Андреас Андреадис, шеф на Здружението на грчката туристичка индустрија (СЕТЕ): „Во последните два месеца бележиме одредено намалување на резервациите, токму и во Германија“. На годишно ниво намалувањето на резервациите од Германија во моментов изнесува 2 процента, вели Андреадис во разговор за ДВ, повикувајќи се притоа на најновата анкета на германското Друштво за истражување на потрошувачката. Економската нестабилност негативно влијае и врз туризмот. Така Грција не ќе може целосно да го искористи потенцијалот како врвна туристичка цел во Европа. Но, благодарение на поволниот менувачки курс, барем кај британските туристи Грција е на врвот според омиленост, вели шефот на СЕТЕ.
Лутина поради планираното покачување на данокот
Збрка предизвикуваат и шпекулациите за скорешно покачување на данокот на додадена вредност за туристичките услуги. Наводно за тоа притискаат меѓународните кредитори, за така да се затнат новите финансиски дупки во грчкиот буџет. Но, информациите во врска со тоа се прилично противречни: час владата размислува за повисок данок на грчките острови кои нудат луксузен туризам, час се демантира тоа. Според весникот „Та неа“, од необјасниви причини како луксузни туристички цели наводно се класификувани и малку посетувани острови, како Лерос или Икариа, додека за космополитскиот остров Крф не е предвиден повисок данок на додадена вредност. Според весникот, во игра е ивоведување данок за луксузни сместувалишта, можеби уште во текот на летото, но веројатно сепак дури на есен.
Се разбира, и туристичката бранша мора да придонесе за што е можно побрзо надминување на кризата, смета Андреадис, но предупредува и дека данокот во Грција не смее да биде повисок отколку кај директните конкуренти во областа на туризмот: „Италија, Шпанија и Франција сега во туризмот имаат данок од 10 проценти, Турција и Кипар дури и уште помалку, а на Канарските острови воошто и не се плаќа данок на додадена вредност. Ако ние го покачиме тој данок на 13-14 проценти, практично ќе бидеме исфрлени од игра, дотолку повеќе што во Грција потешко се доаѓа и до банкарски кредит отколку на други места во Европа“. Андреадис, кој и самиот управува со луксузџен хотел на полустровот Халкидики, укажува и дека од такви мерки во прв ред не би биле погодени луксузните хотели или големите синџири од хотели, туку малите и средни, кои го сочинуваат ’рбетот на грчкото туристичко стопанство.
Здружението за фаст-фуд угостителство дури бара и намалување на данокот на додадена вредност. Преку 6500 претпријатија отидоа во стечај откако во 2011 година тогашната коалициона влада го покачи данокот за нив, се жали Танасис Папаниколау, шеф на тоа здружение, во изјава за весникот „Катимерини“. Со тоа 40 илјади луѓе останаа без работа, вели тоа и бара данокот на додадена вредност во Грција да не биде повисок отколку кај соседите во Југоисточна Европа.
„Неопходно ни е да има договор до јуни“
Но, и за грчката туристичка бранша над се’ стои прашањето, дали наскоро претстои договор со кредиторите. Клучен ден е 5. јуни, кога Грција мора на Меѓународниот монетарен фонд да му отплати кредитна рата од околу 300 милиони евра. Дотогаш би морал а биде постигнат договор со кредиторите. „Едноставно е неможно и не е во ничј интерес да не биде постигната согласност. Тоа би била катастрофа, не само за Грција“, смета Андреадис.
Тој реагира посебно иритирано на прашањето дали враќањето кон драхмата како платежно сртедство во Грција би донело предност во цената на грчката туристичка индустрија: „Грексит не би бил кризна помош, туку сосем напротив, би претставувал тежок удар за нас“. За туристичкиот менаџер Андреадис „летување во Грција“ значи и средби и размени на мислења меѓу домашните жители и посетителите. Затоа Грција би морала помалку да конкурира преку цената, а повеќе преку квалитетот; не би имало воопшто никаква смисла да се востановуваат туристички гета за богатите во една инаку осиромашена земја, укажува Андреадис.