Грција: Полицијата не сака цвеќе
12 декември 2020Понекогаш е доволна една слика за да се загуби последната доверба во полицијата. Полицаец во раката држи букет цвеќе што една жена сака да го положи на спомен обележје. Се чини како да размислува што да прави со букетот. Потоа тој ги крши цвеќињата и со презир ги фрла на улица. Сцената, која трае неколку секунди, може да се види на видео-снимка направена со мобилен телефон.
Атина на 6 декември. Не станува збор за кое било спомен-обележје или за кој било ден. Станува збор за спомен-обележјето за 15-годишниот Алексис Григоропулос во центарот на Атина и за 6-ти декември. На тој ден во 2008 година, момчето дојде од забава и влезе во вербална расправија со двајца полицајци. Еден од полицајците пукаше во невиниот Григоропулос. Едноставно така.
Тогаш, убиството не само што доведе до голем бунт кај младите - туку 6-ти декември е сè уште ден на спомен против полициското самоволие. Ден кога многу Грци положуваат цвеќе на местото на злосторството.
И овојпат, токму на годишнината, доаѓа овој гест на полицаец кој ѝ го одзема букетото цвеќе на таа жена и уништува. Овој гест не е едноставно непочитување туку може да се гледа само како сквернавење на сеќавањето на починато може. Нешто непростливо во земјата на Софокле, во земјата каде што секој студент учи да ја чита и да ја цени неговата трагедија „Антигона“. Онаа Антигона која е подготвена да умре во одбрана на респектот, стравопочитта и достоинство на мртвите.
Забранет спомен ден
Видеото од полицаецот кој го истура својот гнев на букет цвеќе беше погледнат стотици илјади пати во Грција и го принуди министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис, за неколку часа да свика анкетна комисија. Инаку, министерот, како што рече, смета дека сѐ што сторила полицијата, поради корона-ограничувањата, на овој „забранет“ меморијален ден било во ред: „Од 5000 службеници, 4999 ја завршија својата работа добро“, рече тој, игнорирајќи ги сите обвинувања за полициското самоволие.
Повеќе:
-Апели за заедништво во борбата против насилниците
Демонстрациите се забранети во Грција од почетокот на вториот локдаун - поради здравствени причини, како што се вели. Имаше и дополнителни ограничувања за денот на сеќавање на Алексис Григоропулос: Началникот на грчката полиција Михаил Карамалакис одлучи генерално да забрани средби на повеќе од три лица. Ова не беше дискутирано во парламентот затоа што владата работи во вонредна состојба поради пандемијата. И, тоа го прави со задоволство.
Полициско самоволие против мигранти, хомосексуалци, левичари
Демонстрацијата на сила од страна на полицијата во неделата немаше многу врска со јавното здравје. Повеќе се чинеше дека целта беше да се уапси секој кој сакаше да му оддаде почит на убиениот Алексис Григоропулос и да положи цвеќе. Дури и оние кои дојдоа сами, или во двојка, во тројка - што би било дозволено.
Повеќе:
-Ковид-19: Критично во Солун, погодено секое петто семејство
-Коронавирус: Рекорден минус во грчкиот туризам
Тоа и' се случи на Марија Ошана, извршниот директор на Фондацијата Роза Луксембург во Атина, која заедно со еден пријател сакаше да положи цвеќе на спомен-местото. Таа беше спречена во тоа и со патролно возило одвезена до полициска станица. Иако неколку пати прашала дали направила нешто незаконско, не добила објаснување. Бидејќи не сторила ништо незаконско, таа беше брзо ослободена. Во меѓувреме, нејзините цвеќиња се исушија во патролното возило.
Многумина ја обвинуваат полицијата - или поточно: делови од полицијата - дека вистински уживале во примената на насилство. Дека со задоволство и најчесто неказнето тепа млади луѓе, мигранти, хомосексуалци или левичари. Но, оти со свилени ракавици постапува со десничарските екстремисти и неонацисти.
Уапсени адвокати
Ова не е нешто измислено и недокажано. Актуелен пример: Додека се' уште безуспешно се трага по вториот човек на забранетата десничарска екстремистичка партија „Златна зора“, полицијата на годишнината уапси двајца адвокати на жртвите на оваа партија, која сега не само што е забранета, туку е и класифицирана како криминална организација. Адвокатите беа уапсени при обид да им дадат правна помош на други штотуку приведени лица.
Полицијата ги оправда сите апсења со изјавата дека приведените не се придржувале кон заштитните мерки против натамошното ширење на коронавирусот. Но, сликите од фоторепортерите раскажуваат друга приказна: сите приведени, без исклучок, носеле маски и се приближиле едни до други, дури откако полицајците ги принудиле на тоа. На крајот на денот, билансот беше: 374 лица беа уапсени, а на 135 им беше одредена мерка притвор.
Закон и поредок
Во неделата, грчката држава „списка“ многу пари - за прекувремените работни часови на стотици полицајци и за хеликоптерите кои го обиколуваа небото над Атина цел ден правејќи бучава. Од друга страна, прекувремените работни часови на медицинскиот персонал во преоптоварените болници остануваат неплатени.
За конзервативната влада на премиерот Кирјакос Мицотакис, овие трошоци се чини не се исплаќаат, барем засега. Таа во моментов не е особено успешна во менаџирањето на корона-кризата, поради што се обидува да постапува радикално решително на полето на внатрешната безбедност. На голем дел од нејзините гласачи им се допаѓа политиката на „закон и поредок“. Покрај тоа, дванаесет години по бунтот на младите и десет години по почетокот на должничката криза, повеќето граѓани се уморни од демонстрации. Во моментот не им пречи особено самоволието на полицијата против луѓето кои сакаат да положат цвеќе. Многумина имаат други грижи. Тие стравуваат за своето здравје и за финансискиот опстанок по корона-локдаунот.
Глупавото притоа е тоа што при операциите како онаа во неделата, дури и многу полицајци беа заразени со коронавирусот. Најчесто затоа што тие самите не се придржуваат до заштитните мерки што всушност треба да ги спроведат.