1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Незадоволство од Тројката, надеж во Берлин

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска19 ноември 2013

Грчкиот премиер Андонис Самарас в петок доаѓа на разговори во Берлин. Атинската влада сега има подобра преговарачка позиција во однос на финансиската криза од порано, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1AKZz
Фотографија: picture-alliance/Wiktor Dabkowski

Посетата на т.н. Тројка (претставници на доверителите од ММФ, ЕУ и Европската централна банка) на почетокот на ноември во Атина беше иритирачка. Зашто во централните прашања постоеше голема разлика во мислењата меѓу грчката коалициона влада и кредиторите. Спор имаше првенствено околу висината на заканувачката финансиска дупка во грчкиот буџет за 2014. година. Со недели грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарис идниот буџетски кусок го претставуваше како максимално 500 милиони евра, додека Тројката сметаше на финансиска дупка од најмалку две милијарди евра, инсистирајќи на нови мерки на штедење со цел таа да биде покриена преку владините приходи.

Во меѓувреме е постигната согласност дека дополнителната потреба изнесува околу 1,3 милијарди евра. Но, владата на Андонис Самарас не е подготвена на нови резови и кратења на платите. Грчкиот премиер, со оглед на веќе седумгодишната рецесија и рекордната невработеност од 28 проценти, го оценува грчкото општество како „исцрпено“.

„Владата ќе започне поостар преговарачки курс, зашто не постои маневарски простор за еднострани мерки за штедење“, изјави уставниот судија и европолитичар од коалиционата партија во владата, Пасок, Костас Ботопулос. Договореното ќе биде спроведено, се разбира, но нови кратења се неподносливи, смета тој. Преговарачката позизија на владата во Атина инаку е зајакната со постигнатите првични успеси во санирањето на буџетот, односно со тоа што државните приходи, без да бидат земени во обзир кредитните трошоци, се повисоки од расходите. Овој финансиски успех мора да биде земен во предвид при преговорите, бара Ботопулос.

Тактички маневри околу буџетот

Поинаков став застапува атинскиот економски новинар и публицист Макис Андронопулос. Тој е уверен дека атинските политичари од тактички и внатрешнополитички причини покажуваат заби, но сепак ќе останат на линијата на Тројката.

Надевајќи се на промена на германскиот став по парламентарните избори во Германија, грчката влада инсистира на тоа дека луѓето веќе не можат да поднесат натамошни мерки на штедење, вели Андронопулос, кој моментно работи на книга за Германија. Но, на првиот ЕУ-самит по изборите, канцеларката Ангела Меркел демонстрираше непопустлив став кон грчкиот премиер Самарас. Потоа грчкиот министер за финансии Стурнарас призна дека на грчкиот буџет за 2014. година му се заканува кусок од 1,3 милијарди евра, по што следеше покана грчкиот премиер в петок (22.11.2013) да го посети Берлин.

„Ние исполнуваме, Европа помага“, изјави Самарас на последната рунда кризни разговори во јануари во Берлин. Уште тогаш германската канцеларка остана љубезно необврзна и предупреди дека мора да следат натамошни реформи во кризната земја. Набљудувачите очекуваат овојпат Самарас да се обиде да добие појасна слика за европолитичкиот курс на големата коалиција околу која се водат преговори во Германија.

Натамошна причина за посетата на Самарас на Берлин според Андронопулос е растечката внатрешнополитичка тензија во Грција. Владата на 11.11.2013 едвај го помина гласањето доверба во парламентот на барање на левичарската опозиција. Шефот на деснопопулистичката партија „Независни Грци, Панос Каменос пак повика на создавање сојуз против политиката на штедење, на кој можат да се приклучат и левичарите.

EU-Gipfel in Brüssel Antonis Samaras 24.10.2013
Андонис Самарас доаѓа во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Тмурни изгледи за европските избори 2014

За идните избори за Европскиот парламент во мај 2014. година популистите од сите табори, па и десноекстремната Златна зора, имаат добри шанси. Паралелно со европските избори во Грција се одржуваат и локални избори.

„Ако на европските и комуналните избори победат оние политички сили кои се против актуелната политика на штедење, левичарската опозиција уште следниот ден ќе побара нови парламентарни избори“, смета Андронопулос. Грчкиот премиер поради растечката нестабилност ќе се обиде да ја моли Меркел за разбирање и одложување на мерките на штедење, смета атинскиот новинар.

Костас Ботопулос пак смета дека десничарските популисти и чевичарите со години негуваат контакти, но нивен сојуз не е доволен за да се доведе во прашање политичкиот систем во целина.

Во април 2014. година истекува спасувачкиот финансиски пакет за Грција, без за земјата да биде обезбедена натамошна помош. Што ќе следи, е неизвесно. Пред изборите во Германија министерот за финансии Волфганг Шојбле навести дека не е исклучен нов пакет помош за Грција. Според медиумите, с еработи за околу десет милијарди евра. Но, одлука се‘ уште нема, а Грција најрадо би сакала извесност уште оваа година, истакнува Ботопулос.