1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затруена клима

Александер Кудашев Превод: С. Недевски16 март 2015

Откако новата грчка влада стапи на должност, начинот на дискутирање во ЕУ се промени и во многу работи потсетува на некои стари времиња, смета во својот коментар Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1ErLe
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Политичката клима во ЕУ е затруена- меѓу Берлин и Атина, но и меѓу Грција и Европската централна банка, меѓу 18 држави во еврозоната и Атина- и обратно. ЕУ се тетерави кон тешка криза- ако веќе не е сред неа. Како среде величенствениот мировен проект одеднаш да се разбрануваа жестоки национални, па и националистички емоции. Одеднаш меѓу државите-членки завладеа тон кој се користи меѓу непријатели, но не и меѓу партнери кои со децении се однесуваат мирољубиво едни кон други.

И порано борбите беа жестоки

Нема сомеж: и во раните децении, на европските преговарачки маси имаше трикови. Ценкање. Се играше покер и се провоцираше до крајни граници- секој сакаше да си обезбеди себе си што посилна позиција. Во тоа учествуваа сите држави-членки и тоа без исклучок. Но, притоа никој не беше повреден, никој не беше навредуван, никому не му се беше заканувано со кршење на сите правила и раскинување на сите договори.

Новата грчка влада, која беше избрана поради своите предизборни ветувања и која се потпира на силен мандат, сега тргна токму во таа насока. Еден деснопопулистички министер за одбрана се заканува дека половина милион бегалци ќе ги насочи во Европа и така ќе ги прекрши правилата на заедничката европска политика кон барателите на азил. Грчкиот премиер Алаксис Ципрас во преговарачкиот покер за политиката за спасување на земјите во еврозоната отвори нов фронт барајќи од Германија плаќање на воени репарации. А владата во Атина за меѓународната Тројка на доверители сѐ почесто зборува како за окупатор, иако е во прашање партнер.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер Кудашев, главен уредник на Дојче ВелеФотографија: DW/M. Müller

Мора јасно да се каже: земјите во еврозоната сакаат да и’ помогнат на Грција. Се разбира дека тие тоа не го прават без очекувања и поставување услови. Нивниот принцип дека долговите не можат да се потиснат со нови долгови веќе им помогна на Шпанија, Ирска и на Португалија.

Но неспорно е и оти во Грција таа економска подготвеност да се помогне- не успеа. За тоа владата во Атина има право. На Грција и’ се заканува економски и социјален банкрот. Уште полошо: земјата ја потресува и државна криза.

Тактичка злоупотреба на прашањето за репараци

Но, тоа не е причина да се прогласи Германија за жртвено јагне- и прашањето за обесштетување за германските воени злосторства да се злупотребува во преговарачкиот покер. Морално нема никаков сомнеж дека Германија треба да ги обесштети жртвите од времето на окупација- пред се’ оние кои се се’ уште живи. А и оти треба да размисли за тоа дали да стори повеќе од она што на тој план досега го правеше.

Правно гледано, прашањето на репарациите е затворено. Германија, токму по ставањето на крај на владеењето на воената хунта во Атина, постојано се ангажираше за Грција, како што тоа го правеа и другите земји. Време е политичката клима да се ослободи од отрови и аналитички да им се пристапи на економските и на политичките проблеми. Тоа важи за Атина ама и за другите земји во ЕУ. Во спротивно, по 50-годишна историја на успеси, Европската унија би можела да доживее непосакуван ама кобен распад.