Грците меѓу апатија и страв
24 мај 2015Пантелис Хациѕинакис инаку е мирен човек, несклон кон паника. Речиси 14 години 38-годишниот маж работи како слободен даночен советник во Атина и ги советува своите муштерии што да направат со своите пари. Дијапазонот на неговите клиенти е широк-од приватници до средни по големина претпријатија. Тој поминал многу време смирувајќи ги своите соговорници и обидувајќи се да ги убеди во тоа дека можеби сега е тешко, но може да се излезе на крај.
Но, полека веќе ни тој не знае што да им каже и се‘ потешко му паѓа да остане мирен.
„Луѓето ми доаѓаат со прашања-дали да купуваат продукти или да платат данок? Дали да ја платат киријата или прво сметките за струја и вода? Веќе се уморни од сите овие години економска пропаст и кога слушаат дека државата ќе банкротира, веќе не знаат што тоа воопшто може да значи.“
Противречните вести објавувани во медиумите не се од помош: час се најавува договор на Атина со кредиторите „на дофат на раката“, час дека следи наплата на долгот, а никој не знае од каде да „роди“ пари... Едни политичари тврдат оти останатите земји од еврозоната нема да ги остават на цедило, други предупредуваат дека од Грција се бараат мерки кои едноставно се неспроведливи и-за една до две недели сето ќе пукне.
Пречесто се викаше: „Доаѓа волкот!“
Колку и да се грозни вестите, протести и бунтови веќе нема. Ник Малкуцис е уредник на Информативниот сервис „Маркополис“, специјализиран за економија и политика, и според негово мислење, Грците тивко се спремаат за најлошото. „Ако ги погледате депозитите во банките од почетокот на минатиот декември, тогаш кога несигурноста почна засилено да расте, ќе воочите огромно повлекување на парите. Повлечени се 15 проценти од депозитите, тоа се околу 25 милијарди евра, а главницата е исплатена во готово. Луѓето се загрижени и поради можна контрола на капиталот и евентуално напуштање на еврозоната.“
Наспроти тоа, анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Грци се убедени во останувањето на нивната земја во еврозоната, најголем дел од луѓето сака задржување на заедничката валута. Но, и Малкуцис веќе не знае што и кому да верува: „Дел од граѓаните се загрижени за своите заштеди и иднината на Грција. Друг дел, со оглед што минатите години загубија толку многу, мислат дека веќе немаат што да загубат ако Грција го напушти еврото. Исто така, дел граѓани има чувство дека и медиумите и политичарите во Грција пречесто извикуваа ’Доаѓа волкот!’ Затоа сега веќе не веруваат во никакви предупредувања, ниту ги земаат за сериозно.“
Типичен пример е Кристос Цакриос. Тој е рибар од островот Лерос и за него сите овие предупредувања звучат како уцена: „Со години веќе слушам-ние сме на работ на бездна, ќе банкротираме, ќе снема пари во банкоматите, тенкови ќе стојат пред банките за да ги запрат луѓето што ќе сакаат да си ги подигнат парите пред да станат безвредни. На крајот нашите политичари секогаш прифаќаат нови мерки штедење и пак испаѓаме добри дечиња. Тоа се повторува постојано, веќе звучи како расипана грамофонска плоча!“
На крајот ќе платат другите земји од еврозоната
Цакриос на сопствената кожа чувствува се‘ поголема тежина. Дури и кога има доволен улов риби, тоа не му помага: „Многу луѓе веќе не купуваат риби, зашто им се многу скапи“, се жали рибарот. Но тој мора да плаќа за гориво и за бродот, а тука се и трошоците за живот на семејството. Гласал за Ципрас и убеден е оти веќе нема простор за кратење и основа за зголемување на данокот. Исто така не може да замисли да дојде ден кога Грција ќе остане сама и надвор од еврозоната:
„Мнозинството Грци кое го познавам не верува тоа некогаш да се случи.“
Уредникот на Информативниот сервис, Малкуцис, има чувство - оваа година е поопасна дури и од 2010 и 2012, кога сите, и во Грција и во остатокот од ЕУ, на сите ѕвона зборуваа за грексит:
„Сега имаме неискусна влада соочена со цела низа проблеми кои ги има Грција. На нашата земја парите едноставно и‘ истекуваат: ако во скоро време не се постигне договор, тогаш напуштањето на еврозоната ќе стане реалност.“
Според даночниот советник Хациѕинакис, останатиот дел од еврозоната нема да дозволи такво сценарио. Слушајќи ги грчките медиуми „каде сите мудреци не‘ предупредуваат од цркнување од глад, од тоа дека ќе има војна и дека ќе се упоропастиме ако прогласиме банкрот, мислам оти тие не можат ни да замислат сето тоа да се случи,“ вели Хациѕинакис.
„Јас сум општимист. Знам оти е тешко, свесен сум за невозможната положба на нашата влада во преговорите, но другите земји од еврозоната нема да дозволат проблемот толку да се прошири и да ја уништи целата држава“. Сепак, на Хациѕинакис му е се‘ потешко да ги увери своите клиенти во таквиот оптимизам. Еден од нив пред кризата сите свои пари ги префрлил на сметка во швајцарска банка и сега секој месец зема колку му треба.
„Но, други мои клиенти веќе немаат доволно пари ни за да ги стават во банка, а камоли некаде во странство.“
Иако е оптимист, и нему му е ладно околу срцето при помислата на актуелната влада. Тој одлично ја знае потребата на Грција од исклучително вешта дипломатија и наострени моливи за сметање, за земјата да се извлече од неволјите. Но, владата на премиерот Ципрас...
„Се плашам оти тие не знаат што прават“, во доверба ни вели Хациѕинакис. „Ако навистина не знаат, не сакам ни да помислам што би можело да се случи.“