Грците во Албанија сами ќе се попишуваат, Македонците немаат пари
28 јули 2012Првиот човек на асоцијацијата Лигораќ Карамело, за албанските весници вели дека пописот е во согласност со Уставот на Република Албанија. Тој додава дека пописот што тие ќе го реализираат нема никава поврзаност со оној реализиран во октомври мината година од страна на Институтот за статистика, туку преставува обично евидентирање на членовите на Омонија.
„Она што ние ќе го спроведеме не е попис, туку евиденција на членовите на Омонија. Со демографските движења констатиравме дека Грците ги има низ цела Албанија, а не само во подрачјето на Ѓирокастро, Делвина и Саранда“, изјавил Карамело.
Македонците немаат финансиска моќ
За разлика од грчкото, македонското малцинство, според нивните претставници, нема финансиска можност да спроведе таква активност.
„Што се однесува до организирање на свој попис, македонската заедница не е во можност финансиски да реализира свој попис, за разлика од грчкото малцинство кое има огромна помош од грчката држава и грчката дијаспора, финансирајќи приватни грчки училишта и колеџи во Албанија, давање по 300 евра пензии на тие лица кои што ќе се декларираат за Грци, како и помошта што ја даваат на Албанската православна црква, на чие што чело е поставен за архиепископ Грк од Грција“, вели Васил Стерјовски од партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Сепак, свој попис, како што вели Стерјовски, им е потребен за да се знае бројот на Македонците во Албанија и нивното движење од областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора кои се иселиле во внатрешноста на Албанија уште за време на комунизмот, но и потоа, посебно, по 1991. година и тоа, според него, поради лошите услови за живот во овие региони кои се меѓу најсиромашните во Албанија.
„Ваков попис би бил само статистички и овие податоци би ги користеле за потребите на македонската заедница во Албанија. Но, инсиситираме и натаму на фер и демократски попис од страна на албанската држава, затоа што од него ќе зависи и признавањето и подобрувањето на правата на македонското и другите малцинства во Албанија“.
Одржаниот официјален попис малцинствата не го признаваат
Стерјовски потсетува дека малцинствата ланскиот попис го бојкотираа и со заедничка декларација соопштија дека не ги признаваат пописните резултати.
„Не го признаваме пописот кој што се одржа минатата година, попис кој што сите малцинства го бојкотираа, затоа што беше дискриминирачки и со единствена цел за намалување на македонското и другите малцинаства што живеат во Албанија и бараме повторување на пописот, каде малцинствата ќе имаат можност слободно да се декларираат“, вели Стерјовски.
Со идентичен став е и лидерот на Партијата за заштита на човековите права, во која главно членуваат Грци, и пратеник во албанскиот парламент, Вангел Дуле. Според него потребен е нов попис зашто оној кој го спровела владата не ги почитувал основните права на малцинствата. Тој, како што пренесува весникот СОТ, тврди дека и Советот на Европа за човекови права констатирал проблеми во тој правец.