Груевски понуди излез за него, но не и за државата
19 мај 2015Груевски се спасува себеси, а не државата, велат аналитичари по настапот на премиерот на синоќешниот митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Десетици илјади луѓе излегоа на платото пред зградата на парламентот да му дадат поддршка на Никола Груевски, кој по деветгодишно раководење со владата се наоѓа под силен притисок на опозицијата и меѓународниот фактор да си замине од функцијата.
„Нема повлекување. Нема предавање. Ние победуваме. Нивниот експонент и инструмент, кој Струмица си ја претворил во свој пашалак, нема да ја оствари целта. Не само што никогаш нема да биде премиер, тој никогаш повеќе нема да биде ни градоначалник на Струмица. Македонија нема да дозволи да и‘ се случи Заев“, порача Груевски пред своите симпатизери.
Во обраќањето на Груевски, аналитичарите препознаваат нервоза и обид за засилување на неговата позиција пред меѓународната јавност.
„Видовме еден блед и неубедлив популистички говор наменет за спасување на сопствената кожа и за лична пресметка со лидерот на опозицијата. Ова е обид за покажување мускули пред меѓународната јавност, т.е за билдање на преговарачката позиција во смисла дека народот присутен на митингот вечера цврсто стои зад него. Меѓутоа тој заборави дека сите во државата и надвор од нејзе знаат на кој начин е донесен тој народ на митингот - со бомбардирање на членовите со смс пораки, со закани и уцени за задолжително присуство“, смета професорот Јове Кекеновски, долгодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, кој по барањата за реформи, неодамна беше исклучен од партијата.
Заев во фокусот
Голем дел од говорот, Груевски му го посвети на лидерот на опозицијата Зоран Заев, обвинувајќи го дека е корумпиран и нечесен, и дека работи во интерес на, и натаму, неименувани странски служби.
„Тоа е човек кој нема свој став и е воден од меѓународен милијардер кој држи под своја контрола половина медиуми во Македонија и мисли дека со своите пари ќе менува волја на цел еден народ“, рече Груевски.
„Mислеа дека ќе не‘ скршат, со креирани и монтирани снимки и со терористички банди, мислеа дека ќе потклекнеме, но вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава. Македонија е силна“, дополни премиерот.
Според Кекеновски, на овој начин премиерот ја манипулирал јавноста.
„Не видовме никаков аргументиран демант за содржината на снимените разговори, туку веќе излитени фрази за сечени, лепени, креирани и монтирани разговори, без притоа да покаже одлучност и храброст пред целата јавност да вети дека јавно ќе ги покаже оригиналните разговори или пак дека ќе побара експертско вештачење на објавените снимени разговори, со што ќе им ставеше крај на сите обвинувања од страна на опозицијата“, вели Кекеновски.
Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска одат во Стразбур, Франција, каде под покровителство на Европскиот парламент треба да ги продолжат разговорите за надминување на длабоката политичката криза.
Вчерашната, втора рунда разговори која во Скопје ја организираа амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав не донесе поголемо поместување во ставовите. Извори во Европскиот парламент кои инсистираа на анонимност за Дојче веле изјавија дека не се преголеми оптимисти дека и состанокот во Стразбур ќе донесе промени во тврдите ставови, но сметаат дека и самиот факт што се разговара е добар сигнал. Според агендата, разговорите ќе се одвиваат во неколку фази и би можеле да траат и до доцна во ноќта од вторник кон среда.
Само еден излез од тунелот
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека вчерашниот митинг во Скопје бил обид на Груевски „да покаже дека е моќен и дека и тој треба да биде вклучен во играта и дека треба да преговара“. Но, тоа според Арсовски нема многу да промени:
„ Груевски сега знае дека влегува во еден тунел од кој има само еден излез, а тоа е техничка или некаква друга влада која ќе донесе промена“.
Арсовски објаснува дека неделните протести пред Владата покажале оти премиерот сега против ја нема само опозицијата, туку едно граѓанско движење кое настапува со изграден наратив и со јасни барања.
„Сите тие инсистираат дека не е доволно да се сменат играчите доколку играта остане иста. Тоа е наративот на кој мора да се задржиме во овие турбулентни времиња кои ќе траат можеби 3 или можеби 12 месеци. Но на крајот мораме да излеземе со некаква граѓанска заштита за да сме сигурни дека ваква авторитарна структура нема да може во иднина повторно да ги спои партијата и државата“, вели Арсовски.
Неговата проценка е дека кризата ќе заврши мирно, со формирање на концентрациона влада во која најголемите политички партии ќе направат поделба на ресорите.
Кекеновски не е толку оптимистичен во прогнозите. Тој смета дека Груевски, со говорот на митингот, „јасно стави до знаење дека нема да направи никаква отстапка во смисла на негова демисија“.
„Со тоа тој потврди дека помила и поважна му е позицијата отколку грижата за иднината на својот народ“, вели Кекеновски.