Груевски: Македонија нема да дозволи да и се случи Заев
18 мај 2015„Mислеа дека ќе не скршат, со креирани и монтирани снимки и со терористички банди, мислеа дека ќе потклекнеме, но вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава. Македонија е силна“, пореча лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот 45-минутен говор пред членови и поддржувачи на владеајачката коалиција, на вечерапниот митинг под мототото „Македонија силна“.
Тој нагласи дека земјата е соочена со „диктатура на политичко малцинство и со инструменти на служба“.
„Му рекле на Заев дека за три дена ќе сме си заминеле засрамени со наведнати глави. Три месеци подоцна, овде сме, уште посилни и посплотени од кога било. Нема повлекување. Нема предавање. Ние победуваме. Нивниот експонент и инструмент, кој Струмица си ја претворил во свој пашалак, нема да ја оствари целта. Не само што никогаш нема да биде премиер, тој никогаш повеќе нема да биде ни градоначалник на Струмица. Македонија нема да дозволи да и се случи Заев“, порача Груевски.
Притоа потенцираше дека лидерот на СДСМ со деструктивни сценарија и дестабилизација сака да се дограби до функцијата.
„Тоа е човек кој нема свој став и е воден од меѓународен милијардер кој држи под своја контрола половина медиуми во Македонија и мисли дека со своите пари ќе менува волја на цел еден народ. И не само тој, туку и група на нереализирани и пропаднати политичари и уредници кои личат на се освен на објективни и професионални“, обвини премиерот.
И покрај жестокиот напад и изживување врз власта со креирани материјали, според Груевски, ова ќе биде поука за партијата: „Ова ќе не направи посилни и како општество и како народ. Ако го немаше нападот, требаше да го измислиме, бидејќи тој ќе не насочи понатаму“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати и порака до поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, нарекувајќи го „ментор на Зоран Заев“: „Како стар волк го охрабри Заев да биде уште порадикален и на грбот на својата држава и народ да го донесе СДСМ на власт. Бранко, не бива таа работа, откажи се, не ги закрвувај луѓето, ќе ги носиш на душа. Троши си ја својата највисока пензија во државата“.
Најавувајќи нови проекти и инвестиции, Груевски го заврши својот говор со зборовите дека „мрачните сили и манипулаторите нема да успеат, слабостите ќе се отстранат, никој нема да го наруши мирот, образованието ќе јакне, инвестициите ќе продолжат, а економијата ќе продолжи да отвора нови работни места“.
„Имаме тим, визија и имаме народ кој е мудар и носи исправни одлуки“, констатираше Груевски. За време на митингот, покрај Груевски беа членовите на неговиот кабинет- вицепремиерите Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, но и доскорешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Митингот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон припадниците на безбедносните сили кои загинаа во полициската акција во Куманово. Виолета Ачковска, историчар и член на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), рече дека по успешното справување со терористите, опозицијата го активирала планот Б - „украинската драма на која не и се глада крајот“: „Бев сведок на украинските шатори кои го грдеа центарот на Киев. Во моментов и опозицијата и надворешните ментори ни приредуваат еден од чиновите на украинскатра драма“, рече таа и го повика Груевски да ја заштити волјата на мнозинството граѓани.
Демократијата не дозволува малцинството да го тормози мнозинството, порача од говорницата Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ.
„Кога ме прашаа што ќе биде по 17- ти мај, одговорив: Ќе дојде 18-ти мај. И еве дојде, со 100.000 граѓани, кои имаат мисла и желба да живеат во стабилна, рамноправна држава, кои не сакаат насилство и закани ниту говор на омраза. Дали имаме право да имаме легитимно избрана власт која дејствува преку институциите на државата? Дали е тоа грев? Не, тоа е доблест, државничко чувство и морал. А Заев, со прислушуваните материјали е влезен во интимата на 26 илјади граѓани само за да ја искомпромитира Владата и на нелегитимен начин да дојде на власт. Ние не сакаме да бидеме маша во насилно уривање на власта“, рече Јакимовски. Пред присутните се обрати и поранешниот лидер на СОНК, Дојчин Цветановски.
„Бомбите им беа изум како насилно да дојдат на власт. Нивните бомби не ја постигнаа целта, тоа е невозможно да го направат, зошто ти Македонијо си создадена како библиска земја, тебе те водат тие што те заслужуваат. Секоја нова бомба им е се поголем бумеранг“, рече Цветановски.
На митингот кој помина во мирна атмосфера, според проценките на организаторите, присуствувале 100.000 луѓе.