1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски да не ја користи функцијата за пазар за амнестија

18 октомври 2017

Очекуваната оставка на Груевски мора да биде чин на одговорност за партискиот неуспех, а не предмет на негово пазарење за каква било амнестија, се пораките од и до Белата палата.

https://p.dw.com/p/2m3V7
Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

По изборниот пораз, лидерската функција на Груевски му е главниот „капитал“ и постојат сомнежи дека заминувањето од неа може да го користи за какво било пазарање. Ова се стравувањата на членови во најголемата опозициска партија, кои денес може да се слушнат само „анонимно“, како реликт на стравот од децениското централизирано владеење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Членови на раководните тела во партијата избегнуваат разговор со новинари, особено не телефонски, „не на јавно место, и никако во партискиот штаб“. Но и оние кои не се дел од денешната активна структура на партијата, делат слични ставови. 

„Со недавањето оставка по најголемиот изборен дебакл на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Груевски купува време“, вели Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот состав на парламентот, потоа и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во мандатот на Љубчо Георгиевски.

„Негова оставка бараат сите, па дури и луѓе од неговото најблиско опкружување, меѓутоа се плашат да ја побараат јавно. Најопасно за партијата, но и за Македонија, би било наследникот да си го именува тој самиот, низ некаква 'демократска' процедура која му е овозможена преку партискиот статут. Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ статутарно е пирамидално поставена партија, целокупниот Извршен и Централен комитет го избира самиот тој, односно тој е суверен владетел на сите. Во моментов, тој самиот типува на новиот Генерален секретар, Христијан Мицковски, кој патем е непознат за членството, меѓутоа нему му е лојален соработник, така што дури и неговото повлекување би значело повторно владеење, но овојпат како 'сива еминенција'“, смета Марковска.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Груевски типува на верниот соработник Христијан Мицковски (лево од Груевски)?Фотографија: Petr Stojanovski

Сомничав кон сите

Во изминатиот период многупати се шпекулираше со наследници на Груевски на лидерската позиција. На таа лента продефилираа Влатко Ѓорчев, Емил Димитриев, Никола Попоски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски... Според партиски извори, „сите тие во некоја фаза изгледале како можни решенија за некој недефиниран, иден период“, но лидерот многу брзо индиректно ја демантирал таквата можност, искажувајќи во најтесни кругови сомнеж и разочараност од нивни наводни „предавства и неодговорности“, што најчесто уследувало кога споменатите имале индивидуални средби со странски дипломати. За време на јануарските преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за нова влада (кои завршија со неуспех), се шпекулираше дека ДУИ барала, а Груевски наводно прифатил и да замине од лидерска позиција во интерес на формирањето на владина коалиција. Според шпекулациите, тогаш за свој наследник наводно го спомнувал Кирил Миновски, што од другата страна било оценето како „маска“ за негово де факто останување на челната позиција.

Реформаторите по вторпат во Брисел

Извори од партијата велат дека смената на Груевски „од внатре“ тешко ќе оди, бидејќи е опкружен со луѓе што тој лично ги поставил. Надеж гледаат во иницијатива од надвор, од партиски членови кои во одредени период биле тргнати или игнорирани од партијата. Но, се посочуваат и други можности.   

„Смената на Никола Груевски би одела многу побрзо, кога Европските сестрински партии (ЕПП) би го разгледале статутот со забелешки на централизираниот и недемократски пристап на изборот на секој партиски функционер, кој почнува и завршува од претседателот на партијата“, вели Марковска.

„Групата реформатори за демократски промени на ВМРО ДПМНЕ, веќе има изготвено нов статут, меѓутоа и недостига нов кадровски потенцијал - и од старото и од новото, актуелно политичко раководство. На овој начин групата реформатори би била посериозно сфатена од страна на членството, и кадровски зајакната би можела да ги изведе промените преку нов партиски Конгрес. Само на овој начин ќе се овозможи вистинска демократизација на партијата, а не само замена на старото со ново раководство“, смета таа.

Иницијаторите за реформи во текот на летото веќе го презентираа новиот предлог-статут на бројни средби во Брисел, а по втор пат заминаа таму на разговори веднаш по првиот круг од локалните избори. На средбата со членови на Европскиот парламент кои доаѓаат од Европската народна партија, доминирал ставот дека ВМРО-ДПМНЕ по поразот неодложно мора да се реформира, но не преку „приватен Конгрес на Груевски“ на кој би била избрана марионета што ќе ги спроведува неговите политики, туку исклучиво демократски и слободен Конгрес за избор на нов лидер.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Смената на Груевски „од внатре“ ќе оди тешко, велат партиски извориФотографија: Petr Stojanovski

Стоп за лажни промени

За истата цел се залага и Фронтот за демократија ФРОДЕМ, зад кој стојат кадри со постари членски книшки на ВМРО-ДПМНЕ.

Лажни промени не смеат да се дозволат. Партијата не може да се рециклира преку стариот поданички материјал. Потребна е реална и коренита промена! Потребна е ефикасна комбинација на стари и нови, чесни и искусни кадри со јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ и политичките партии“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Од таму нотираат дека само диктатори владеат во мегаломански мерни едници кои се изразуваат во ери - стари и нови, а нормални демократски земји подразбираат циклуси на смени на владеење и конструктивно опозициско делување.

Оставката на Груевски е нужен чин кој е основа на новиот почеток на партијата, почеток на враќање на изгубениот домашен и меѓународен кредибилитет. Секое тактизирање околу неговата оставка ќе значи дополнителна агонија и разнебитување на партијата. Пазарењето со странските и домашни фактори во смисла 'oслободете ме од обвиненија и ќе си заминам' не смее да се случат. Законите мора да важат за сите подеднакво“, потенцираат од ФРОДЕМ и ги повикуваат сите демократски внатрепартиски сили на обединување за спроведување на нужните промени, бидејќи на Македонија и е потребна силна и конструктивна опозиција како коректив на новата власт.

Никола Груевски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот што се одржа на 24 и 25 мај 2003 година во Охрид. Во трката за лидерската позиција противкандидат му беше Марјан Ѓорчев. За тоа како „напредувала“ внатрепартиската демократија, сведочи и фактот дека Груевски по четврти пат беше реизбран за лидер на последниот, 15-ти Конгрес одржан во Куманово на 2-ри и 3-ти мај 2015 година, во битка без никаква конкуренција. Освен што немаше противкандидат, за неговиот „титоистички избор“ сведочат и резултатите од гласањето: Од 529 делегати доби „само“ 528 гласа, заради тоа што едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко.