1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски бара реципроцитет за Македонците во Албанија

Б.Г./миа23 ноември 2012

Македонскиот премиер по средбата со албанскиот колега Сали Бериша побара македонската заедница во Албанија да добие исти права како и албанската во Македонија.

https://p.dw.com/p/16orB
Фотографија: DW

Македонците во Албанија и Албанците во Македонија да бидат искористени како кооперативна предност за продлабочување на врските меѓу двете земји, порачаа премиерите Никола Груевски и Сали Бериша на денешната средба во Тирана.

„Албанската заедница во Македонија има значајна позиција и внимание и претставува значаен дел од македонското општество. Согледувајќи ја таа ситуација, го истакнав интересот за унапредување на положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија со очекување дека и Македонците од Голо Брдо, Гора, како и од градовите Билишта, Корча, Подградец, Елбасан, Берат, Драч, Тирана и Кукс етнички ќе бидат признаени и ќе им биде овозможена настава на македонски јазик, согласно високите европски стандарди“, изјави Груевски на заедничката прес-конференција по средбата.

Неговиот албански колега го уверил, како што рече, дека во Албанија граѓаните имаат право да се изјаснуваат за нивната етничка припадност и потекло. Албанија направила и се’ уште прави добро за да ги воспостави во оваа земја најдобрите копенхашки стандарди за правата и слободите на малцинствата.

Gruevski - Berisha in Tirana 2
Фотографија: DW

Груевски уште еднаш напомена дека иднината на регионот на ЈИЕ е во интеграцијата во Европската унија и НАТО.

„Ние сме посветени на тој процес и ќе продолжиме да бидеме посветени. Но,во декември очекуваме Грција да го респектира меѓународното право, а не и Европската унија да се доведува во непријатна ситуација во однос на почитувањето на меѓународното право и да партиципира во креирањето подобра атмосфера за решавање на овој проблем и за реализација на нивната заложба од Солунскиот самит за внесување на целиот регион во Европската унија“, рече Груевски.

Според него, не е прашање дали нешто ќе се попушти, туку со добра волја да се почитува меѓународното право и на тој начин што побрзо да се најде решение прифатливо за двата народа.

Бериша рече дека Албанија ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и смета дека земјата заслужува да ги почне преговорите за членство. Како што нагласи, Албанија го поддржува и членството на Македонија во НАТО. Иако официјално се’ уште не е членка, Македoнија, рече Бериша, де факто е дел од Алијансата.

Тој и Груевски ги оценија билатералните односи како многу добри и заклучија дека иднината на Македонија и на Албанија е во Европската унија. Двете земји ќе соработуваат за реализација на оваа заедничка цел, членство во ЕУ.