Груевски бара емоционална поддршка од ЕУ
9 јули 2011Македонскиот премиер Никола Груевски побара поголемо внимание од Европската унија со цел надминување на долгогодишниот спор за името со Грција. Обраќајќи се синоќа на самитот „Нова декада на Југоисточна Европа - завршување на процесот на транзиција“ во Дубровник, Груевски посочи дека Македонија е за решение што нема да го загрози националниот, јазичниот и културниот идентитет.
„Значаен дел од процесот на евроинтеграции е затворањето на отворените билатерални прашања по примерот на Словенија и Хрватска. Во тој контекст Македонија очекува ЕУ да посвети поголемо внимание не на рационалниот, туку на емоционалниот аспект на проблемот со нашиот јужен сосед поврзан со нашето уставно име, што сигурно ќе доведе до успешно затворање на проблемот“, рече Груевски.
Хрватска- симбол за напредокот
Хрватска, според Груевски, го симболизира напредокот што земјите од регионот го постигнаа на патот кон Европската унија, комплетирајќи го болниот транзициски период.
„Транзицијата ќе заврши кога ќе ги комплетираме сите реформи и кога тие ќе почнат да даваат резултати што ќе придонесат да станеме полноправни членки на НАТО и ЕУ. На крајот на транзицијата луѓето од Балканот гледаат подобра иднина во обединета Европа и ние треба тој стремеж да го претвориме во реалност. Над се треба да знаеме како да работиме и да размислуваме на европски начин“, рече Груевски.
Како позитивни работи за Балканот ги оцени завршувањето на преговорите за челенство во ЕУ на Хрватска, апсењето на Ратко Младиќ, напредокот на Србија и Црна Гора кон евроинтеграциите и јасната ориентација на Босна и Херцеговина и Албанија кон европската иднина.
Предупредување од Пахор
Премиерот на Словенија Борут Пахор истакнувајќи ја Хрватска како пример за големо достигнување, рече дека хрватско-словенечкиот компромис во решавањето на граничниот спор е успешен, потенцирајќи дека слични спорови постојат во речиси сите земји во регионот. Пахор особено го истакна македонско-грчкиот спорт, нагласувајќи дека за Македонија е важно во спорот за името со Грција да најде компромисно решение, за да не стане „заборавена земја“.
„Македонија би можела да стане заборавена земја, тоа е лоша можност. Сите со задоволство би сакале Брисел да расправа за европската иднина на Македонија“. Според зборовите на Пахор, со оглед на сегашната криза во Грција, сега е вистинското време да се направи пресврт во преговорите за името.
Самитот во Хрватска на кој присуствуваат претседатели и премиери на земјите од Југоисточна Европа е посветен на економијата, безбедносните предизвици во контекст на неодамнешните настани во Јужниот Медитеран и европските перспективи на земјите од регионот.
Автор: БГ/миа/макфакс
Редактор: Александра Трајковска