1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓански листи на локалните избори– лакмус за трета опција?

Ида Протугер Вељковиќ
28 август 2021

За локалните избори за прв пат во многу општини има независни граѓански листи на активисти за директно вклучување во политиките. Пишува Ида Вељковиќ Протугер

https://p.dw.com/p/3zbmk
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Зелен Хуман Град влезе во трка за Град Скопје, Шанса за Центар и Независни за Карпош ќе бараат доверба за скопските општини, а Поинаку се вика независната листа која влегува во политичка трка во Битола.

Дали ќе понудат еден поинаков наратив од она што го нудат политичките партии и каква реална политичка сила за промени можат да освојат, се прашањата кои се наметнуваат во однос на оваа, прилично неочекувана нова распределба на конкуренцијата на локалните избори.

Настапот на овие нови сили може да е лакмус пред претстојните парламентарни избори, кој ќе покаже дали има ткиво кое ќе наметне еден поинаков наратив од оној на сегашните партии, кој ќе темели на вредности и квалитет на живот наспроти актуелната партиска поделба на ресурси. Тоа ткиво може да прерасне и во трета опција по неуспехот на Шарената револуција да стане политичка сила. Втората непозната од равенката е дали гласачкото тело е зрело за тој поинаков наратив.

Која е понудата на актуелните политички партии?

За да се понуди анализа што би дала одговор на овие прашања, легитимно е прво да се свртиме кон она што нудат актуелните политички партии на овие локални избори?

Најголем дел од партиите, особено големите, не рефлектираат идеологија ниту покажуваат дека се обединети околу вредности. Ако се анализира реализираното, главно интересите, лични и партиски, се сврзното ткиво околу кои советниците и градоначакникот постигнуваат консензус во крупните одлуки што ја дефинираат судбината на општините и на градот. Конкурентската предност главно се обезбедува со пресметки и оцрнување на противникот.

Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Ида Вељковиќ Протугер, автор на текстотФотографија: Ida Protuger-Veljkovic

Во таквиот наратив, граѓаните не постојат. Нема транспарентност во работата на општинските совети во текот на мандатот, жителите не се реално вклучени во одлуките кои им ја менуваат судбината. Одредени права се пропишани, но во пракса граѓанинот може последен да дознае дека наредната година погледот од неговиот балкон ќе биде засенет со дневна соба на некој нов сосед.

Граѓаните станаа интересни за политичките партии токму деновиве. На три недели пред почеток на кампања. Според сведоштва на жителите, партиски активисти ги посетуваат од врата на врата за да им дадат брошури со постигнувања. Ги прашуваат што треба партијата за нив да направи и тестираат преку потпрашања „чии“ гласачи се, за да можат да штиклираат во графата колку гласа од таа врата би добиле. Граѓаните „научени“ од праксата што ја постави Груевски, при таквите средби неретко и тргуваат со својот глас, а партијата ги става во графата „нешто да се понуди“.

Оваа партиска офанзива по домовите се случува во исто време кога процесот за Титаник се одложи по којзнае кој пат за средината на септември. Предметот во кој се товарат Груевски, Јанакиески, Јанкулоска, Божиновски и други се токму за изборни манипулации и фамозните списоци на гласачи кои беа основа за принуда, притисок па и нудење „ин витро“ за глас.

(Зло)употреба на моќта

Граѓаните кои одат со независни листи, од друга страна, во најголем дел се активисти кои досега биле општествено вклучени во акции или протести против одлуки на локалната и централната власт. Борба за чист воздух, против менување на ликот на ГТЦ, против доделување на јавниот простор на приватен инвеститор спроти Холидеј Ин, се само дел од листата.

Кандидатите на овие листи не чекаат да земат нешто, туку велат дека се реализирани личности кои ги нудат сопствените ресурси за целите кои овие иницијативи сакаат да ги реализираат со влез волокалната власт.

Досегашната пракса покажа дека избраните советници во општините со денот на стапнување на функција забораваат кој ги избрал на избори, туку се фокусирани кон оние кои ги ставиле на списокот на кандидати. Оттука носат одлуки во корист на партијата што ги кандидирала, но во тоа има речиси секогаш личен интерес, а не само лојалност. Некогаш е тој кадровско напредување кон функција на парламентарни избори, а некогаш привилегии во вид на плац, маркица и сл. Независните сега велат дека ќе ја прекинат таа пракса и диретно ќе се ангажираат да поминат одлуки кои ќе ја променат кон подобро иднината на општината. За тоа им треба доволен број освоени советнички места. Но што е доволен број и што би се дефинирало како победа за овие граѓански иницијативи? Дали дури и двајца советници кои ќе влезат, може да биде победа освоениот простор од каде ќе шират поинаков наратив и политики?

Колку ластовички" прават пролет"?

Колку независни советници би биле здрава конкуренција во советите за конечно општините да можат да се развиваат според долгорочен план за чии решенија ќе пресечат експерти, а не приватни инвеститори?

Одговорот на овие прашања ќе го добиеме на 17 октомври, но можеби без оглед на исходот, овој активизам и вклучување во политиката ќе ги мотивира и големите партии да се свртат кон реформирање, кон вредности и идеологија, а напуштање на клиентелизмот.

Тука доаѓа и тестот дали гласачите се исто така спремни за вредности кои го надминуваат клиентелизмот. Ако трговијата глас за интерес функционира на повеќе нивоа и масовно, клиентелизмот ќе остане зацементиран начин на вледеење.

Од една страна има изневерени граѓани кои се чувствуваат поразени од нивната улична борба за правда, достоинство и функционални институции.

Од друга, слаб импулс клиентелизмот да се порази.

Шарената револуција беше силна инспирација за промени, но движењето замре, а неколку „ластовички“ што влегоа во власта, не донесоа „пролет“.

Оттука, исходот на локалните избори ќе биде интересен да се види колку граѓаните се подготвени наместо за партиски бренд, да гласаат за личности, цели и решенија.

На пример, доброинформирани гласачи, како на врвен цинизам и горчлива шега гледаат на ребрендирањето на ДУИ во зелена партија, ако се знае дека во нејзиното „портфолио“ се платформите на Матка, депонијата во Тетово, урбанизација на Струга покрај езерскиот брег и сл.

Се разбира, не помалку важно е да се види со каква понуда, односно цели и решенија, ќе излезат независните тркачи на локалните избори.