Граѓаните на Авганистан го бираат наследникот на Карзаи
14 јуни 2014Кандидатот за претседател Абдула Абдула се смета за фаворит на денешниот втор круг претседателски избори во Авганистан. На првиот круг од изборите на 5. април тој освои 45 проценти од гласовите, но не го доби неопходното апсолутно мнозинство. Кандидатот Ашраф Гани беше на второто место со освоени речиси 32 проценти.
Двајцата кандидати, доколку бидат избрани, најавија дека имаат намера да ја подобрат безбедносната состојба во државата, дека ќе се посветат на решавање на економските проблеми и ќе се борат против корупцијата. И двајцата најавија дека ќе го потпишат Договорот за безбедност со САД, што е предуслов за меѓународно воено присуство во земјата по крајот на годинава.
Ополномоштеникот на ОН за Авганистан, Јан Кубис ги повика граѓаните да гласаат. Со тоа авганистанскиот народ храбро и одлучно ќе ја демонстрира својата желба за мирна, просперитетна и стабилна земја.
Талибанците се закануваат со напади
Радикално-исламистичките талибанци ги повикаа околу дванаесетте милиони граѓани со право на глас да не гласаат и се заканија со напади врз избирачките места. Изборите се одржуваат под строги безбедносни мерки.
Актуелниот претседател Хамид Карзаи според уставот не смееше да се кандидра за трет мандат. Тој беше на чело на Авганистан по падот на режимот на талибанците во 2001 година. Вториот круг претседателски избори го отвора патот за првата демократска смена на власта во историјата на земјата. Првичните резултати од изборите треба да бидат објавени на 2. јули.