Граѓаните ги победија хрватските банки во спорот за швајцарските франци
4 јули 2013Пред финансиската криза, илјадници граѓани низ централна Европа се натпреваруваа да земат кредити врзани за швајцарскиот франк поради неговата наводна стабилност. Но, ваквата пракса во меѓувреме се покажа погубна откако швајцарскиот франк загуби голем дел од својата вредност во однос на локалните валути за време на финансиската криза. Тоа доведе до ситуација во која некои корисници на кредити мораа да плаќаат дури и двојно повисоки месечни рати.
Во пресуда без преседан, Стопанскиот суд во Загреб денеска одлучи дека банките ги нарушиле правата на потрошувачите затоа што на своите клиент не им доставиле целосна и објективна информација во врска со земањето заеми во швајцарски франци.
„Швајцарскиот франк сам по себе не е стабилна валута и тоа требало јасно да биде посочено. Банките имаат обврска да им го објаснат тој ризик на клиентите“, оценил судијата Радован Доброниќ. Според него, банките на работеле во „добра волја“.
Повеќе од 100 илјади луѓе во Хрватска земале заеми кои се врзани за вредноста на швајцарскиот франк, речиси три-четвртини од нив заради купување на нови домови.
Решавајќи по тужбата поднесена од граѓанските групи „Потрошувач“ и „Франак“, судот пресуди дека банките треба да извршат промени во договорите во следните 60 дена. Банките исто така ќе мораат да обезбедат фиксни каматни стапки и да ја рекалкулираат основната сума на менувачкиот курс на денот кога е потпишан договорот за заем.
Поголемиот дел од банките во Хрватска престанаа да даваат заеми во швајцарски франци во 2008-та.
„Ова е победа, иако пресудата не е конечна... Таа дефинитивно го менува односот меѓу банките и клиентите“, изјави Петра Родик од групата „Франак“.