1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Границите треба доследно да се затворат“

Нина Веркхојзер
28 август 2017

Лидерот на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) Александер Гауланд се залага за одлучно протерување на бегалците. Нивниот престој не ѝ е во интерес на Германија, рече тој во предизборното интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/2iyN3
Deutschland wählt DW Interview mit Alexander Gauland AfD
Александер Гауланд (д.) во разговор со главната уредничка на ДВ, Инес Пол и водителот Џафар Абдул-КаримФотографија: DW/R. Oberhammer

Носителот на листата на партијата Алтернатива за Германија (АфД) за изборите во септември, Александер Гауланд, се залага за консеквентно затворање на надворешните граници на Европа и Германија, „Погрешно е што лица без документи минуваат граници. Тие луѓе воопшто не би смееле да влезат во Германија“, рече 76-годишниот публицист и политичар во разговорот со уредничката на ДВ, Инес Пол и водителот Џафар Абдул-Карим.

Враќање низ Либија

Гауланд смета дека бегалците би требало да поднесат барање за азил пред влегување во Европа. „Оној кој бега од некој воен регион, да речеме од Сирија, согласно Женевската конвенција има право на ограничен престој, но мнозинството луѓе во меѓувреме доаѓаат од економски причини“, рече Гауланд и додаде дека е легитимно право на луѓето да трагаат по подобри животни услови, но исто така легитимно е и за една држава да каже: Вам овде не ви е место. „Ние мора да си ги одбраниме нашите интереси, а наш интерес во секој случај не е масовно прифаќање бегалци од цел свет“, рече Гауланд. Тој смета дека бегалците кои преку Средоземјето доаѓаат во Европа по истиот пат можат да се вратат назад. „Тие доаѓаат своеволно. Никој не ги присилува да одат од југот на Африка во Либија. А, ако некој своеволно минува низ Либија, тогаш по истиот пат може и да се врати назад“, рече политичарот на АфД во интервјуто кое ДВ го емитува во рамки на серијата разговори со истакнати политичари пред парламентарните избори во Германија на 24 септември.

Deutschland wählt DW Interview mit Alexander Gauland AfD
Гауланд: Не сакам исламските правила на мала врата да станат правило кај насФотографија: DW/R. Oberhammer

Бегалците - главна предизборна тема за АфД

Критиката на политиката на германската влада за бегалците е централна предизборна тема за АфД. Таа партија својот подем и го доживеа во текот на бегалската криза во 2015 година. Во меѓувреме, АфД успеа да влезе во парламентите на 13 од вкупно 16 германски покраини, а речиси сигурен е и влезот во Бундестагот. Во истражувањата на јавното мислење, АфД има поддршка на 7 до 10 проценти избирачи (изборнито цензус во Германија е пет проценти, н.з.).

Гауланд, кој до своето влегување во АфД во 2013 година беше дури 40 години член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), отворено вели дека „погрешната бегалска политика на канцеларката Меркел претставува подарок за АфД“. Оваа партија драстично се разликува од останатите партии не само по прашањето на бегалците. И кога е во прашање исламот, АфД е стриктно против признавање на таа вера како составен дел од германското секојдневие. „Исламот како културно-верска симбиоза не припаѓа кон Германија. Мене ми пречи што исламот преку шеријатското право се покажува како вера која не е во согласност со германскиот Устав“, вели Гауланд. Тој е за слобода на вероисповед, но во рамки дозволени со Уставот: „Не сакам исламските правила на мала врата да станат правило кај нас“, нагласува Гауланд.

Во разговорот за ДВ политичарот на АфД се осврнува и на надворешнополитички теми, како санкциите на ЕУ против Русија. „Русија никогаш нема да го врати Крим. Не верувам дека санкциите тука нешто помагаат“, заклучува Гауланд. Што се однесува до Турција, тој жестоко е против влез на таа земја во ЕУ. Но, сепак, смета дека Турција треба да е дел од НАТО, зашто таа земја, како што рече, за време на Студената војна била „стражар на Европа“.