1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градоначалникот на Солун се снаоѓа и со празни каси

Ана Коктсиду / Елизабета Милошевска Фиданоска1 април 2012

Јанис Бутарис бил претприемач, сега е пензионер и градоначалник на Солун. Работи за доброто на милионскиот град и ги мотивира согрaѓаните да засукаат ракави во кризата.

https://p.dw.com/p/14LA6
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schickert

На улиците на Солун бучава од возила. Внатре, во канцеларијата, Јанис Бутарис се обидува да најде решенија - за проблемите на градот, за автомобилите, или за ѓубрето. Белокосиот седумдесетгодишник носи тркалезни очила и пуши речиси нон-стоп. Речиси една година е градоначалник на милионскиот град и веќе ги бележи првите успеси:

„Порано во градот многу малку се рециклираше. Во август минатата година почнавме и денес рециклираме речиси 60 тони отпад дневно. Тоа се десет проценти од дневното количество отпад, но тоа е само почеток. Планираме уште многу работи.“

Бутарис навистина има уште многу пред себе, особено ако се имаат предвид празните градски каси, растечката невработеност и порастот на сиромаштија. Тој сака да управува на вистински начин со она малку што градот го има. Звучи разумно, но тоа со години не го правел никој. Затоа, првото што Бутарис го направил е контрола на давачките:

Griechenland Streik Müllhaufen Abfall
Отпадот, хроничен проблем на Солун, сега делумно се рециклираФотографија: dapd

„Прашавме - колку пари имаме? 170 милиони евра, гласеше одговорот. Значи буџетот мора да се планира само со тие пари. Потоа направивме проверка на давачките и ги подобривме условите за купување. Ги намаливме комуналните такси за седумипол проценти и плативме 50 проценти од долговите што ги имавме кај лиферантите.“

Бутарис знае да смета, тоа го докажа извонредно во времето кога беше претприемач. Неговото семејство се вбројува во најуспешните производители на вина во Грција. Со многу трпение и упорност тој помогна за ренесанса на грчките вина. Сега со тоа се занимаваат неговите синови. Но, Бутарис нема заборавено како се етаблира одреден бренд. Се прашувал - како да го поттикнеме туризмот во Солун? Одговорот - со тоа што ќе ги привлечеме Турците и Израелците, зашто тие имаат најмногу врски со градот. Тука е роден Кемал Ататурк, а порано во Солун живеела и најголемата еврејска заедница на Балканот. Успехот потврдува дека бил во право:

Griechenland öffentliches Transportwesen Streik
Сообраќајот е една од главните „главоболки“ на градоначалникотФотографија: picture-alliance/dpa

„Сопствениците на продавници во центарот на градот и хотелиерите ги тријат дланките - 120.000 Турци и Израелци го посетија градот минатата година, што економски е важно во овие времиња.“

Уличен музичар им свири на минувачите во една од пешачките зони на Солун. Луѓето мора да можат да го рагледуваат градот пеш, смета Бутарис и затоа вовел, секаде кадешто е можно, пешачки зони. Некаде за тоа да биде можно, едноставно затвора по две ленти од улиците и тука поставува саксии со цвеќе. Да се најде решение - гласи неговото мото и затоа органзиира различни настани и манифестации, како Светскиот музички саем.

Бутарис е неконвенционален и тоа не секому му одговара, но сепак се‘ уште е омилен кај најголемиот број граѓани. Ретко носи костум, има обетка, рацете му се тетовирани. Тој е човек што отворено кажува што мисли, секогаш со задолжителната цигара в рака. Некои луѓе велат дека е мешавина на Месијата и на Барак Обама. Може ли да го издржи притисокот?

„На сите им велам - ’дечки’, не можам да успеам сам. Можам да ви ги отворам вратите, но да влезете треба сами. Не сум ви мајка или татко. Вие мора да дејствувате. Јас сум надлежен за отпадот, но вие не смеете да фрлате на улица. Така гледам на договорот. Ако луѓето не разбираат, ќе загубат.“