Горчливо будење во Турција
11 август 2014Одлуката на турските гласачи кои за првпат можеа директно да го бираат својот претседател е недвосмислена: Реџеп Таип Ердоган комотно ја прескокна границата од 50 проценти уште во првиот круг. Резултатот е демократски коректен и со тоа неспорен. Тоа е едната страна на медалот. Другата страна е стравот дека Турција уште повеќе ќе продолжи на патот кон исламизација, со сѐ повеќе верски прописи во секојдневието на граѓаните.
Со победата на Ердоган доаѓа до уште поголем распад на реформите на втемелувачот на турската република, Кемал Ататурк. Кемалистичките елити во изминатите години тоа не сакаа да го сфатат, но токму нивната арогантност и доведе до актуелното статус кво во Турција. Исламистичко-конзервативната партија АКП на Ердоган успеа да ја надгради победата на изборите во 2002 година, кога освои 34 отсто од гласовите, сѐ до речиси 50 проценти на последните парламентарни избори пред три години. На крајот, АКП победи на сите можни избори и го круниса своето владеење со изборот на својот лидер за шеф на државата.
Ердоган знае што сакаат обичните луѓе
Партијата АКП беше создадена од пепелта на четири верски политички партии. Тие беа забранети од крајот на 60-те години до втората половина на 90-те години на минатиот век, а војската и Уставниот суд, кои доминираа, ги обележуваа тие партии како „центри на фундаменталистички активности“. На темелот на искуствата на тие партии, Ердоган добро знаеше што го мачи просечниот граѓанин. Тоа гласачите сега и го наградија. Пред се’, Ердоган е награден затоа што на турскиот народ му даде ново чувство на самодоверба на темелот на религиозните вредности.
Притоа, Ердоган не го интересира тоа што сѐ повеќе се ограничуваат слободата на мислењето и дека се намалува просторот за демократско изразување во последната деценија. И неговите поддржувачи ги игнорираа обвинувањата за корупција и злоупотреби од страна на премиерот, неговото семејство и блиското опкружување - тоа е цената за релативната благосостојба која е достигната.
Ердоган е избран со мандат од пет години, но веќе е јасно дека овој 60-годишен политичар тежнее кон уште еден претседателски мандат. Така, токму тој ќе биде претседател кога Турција ќе одбележува 100 години од постоењето - токму оној политичар кој ги поништи сите реформи на основачот Ататурк. Во моментов Турција се движи во правец на претседателска држава во која парламентот ќе биде тргнат на маргините. Токму затоа Ердоган постојано говори за „стара“ и „нова“ Турција.
Крај за авантурата наречена ЕУ
И покрај тоа што ужива голема доверба кај многумина во Турција, Ердоган ќе мора да поработи на својот надворешно-политички углед. Опкружен со кризи како оние во Ирак, Сирија, Израел, Украина и Русија, а од неодамна и обновените борби меѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно Карабах, Ердоган ќе мора да ја убеди светската јавност дека со својата политика тој нема да долева масло на огнот. Бидејќи, токму тоа и го правеше во минатото.
ЕУ и Германија ќе мораат да го истрпат сѐ понепријатниот Ердоган. Турската авантура со ЕУ неминовно се движи кон својот крај. Тоа не мора да значи крај на светот, но влијанието на ЕУ врз развојот на настаните во Турција може да биде се помало. Дали е тоа добро за интересите на ЕУ во тој регион - во тоа можеме само да се посомневаме.