1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот брат те снима во Берлин

2 август 2017

На една од берлинските железнички станици почна тестирањето на надзорните видео камери со биометриско препознавање на лице. Што се добива со тоа и зошто проектот е спорен?

https://p.dw.com/p/2hY0O
Bahnhofs Südkreuz -Testlauf zur Gesichtserkennung durch Überwachungskameras
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Кој е набљудуван - и од кого?

Во текот на тестирањето што се спроведува на берлинската железничка станица Зидкројц, препознавањето на лице со помош на надзорни камери се анализираат избрани лица. Тестирањето го спроведуваат германската сојузна полиција, Германската криминалистичка служба и Министерството за внатрешни работи, во соработка со Германска желеница АГ, која управува со железничката станица. За тестирањето 250 лица доброволци имаат дадено дозвола за меморирање на нивните имиња и две фотографии во датотека.

Како функционира набљудувањето?

За тестирањето властите имаат вградено три камери на железничката станица кои снимаат одреден дел од влезовите во станицата и одделни подвижни скали. Компјутерската програма која се тестира ги споредува видео снимките од трите камери со меморираните фотографии во датотеката. Учесниците се главно луѓе кои одат на работа и на патот дотаму користат одредени врати и подвижни скали на станицата. Притоа, тие носат и мал емитер на сигнал. На тој начин компјутерите на станицата можат да контролираат кога тест-лицето се појавило и дали програмата самостојно го препознава ликот.

Зошто надзорот прво мора да се тестира?

Сојузната полиција тестирањето го образлага со потребата од одбрана од тероризам и борбата против криминалот. Таа се надева дека техниката ќе овозможи однапред да се препознаваат кривични дела и опасни ситуации. Но техниката сѐ уште не е тестирана во секојдневието. „Сакаме да направиме тестови во нормални услови“, изјави портпарол на полицијата. „Лицата кои се тестираат може да носат и шешир или кацига за велосипед, или да бидат ситни по раст и да исчезнат во толпата.“ Безбедносните експерти го критикуваат високиот потенцијал за грешки на програмата, што може да доведе до непотребни полициски акции.

Schweiz - Biometrische Gesichsterkennung zu Sicherheitszwecken
Биометриско препознавање лик за безбедносни целиФотографија: picture-alliance/keystone/G. Bally

Што велат заштитниците на лични податоци за проектот?

Заштитниците на лични податоци сметаат дека употреба на биометриски програми за препознавање на лик е противзаконска. Сојузната ополномоштеничка за заштита на податоци Андреа Фосхоф смета дека тестирањето е прифатливо, но има „генерални сомнежи“ против технологијата: „Ако вакви системи еднаш влезат во употреба, тоа би бил голем упад во основните права.“ Може да биде уништена слободата за анонимно движење во јавност, се согласува и социјалдемократот Кристофер Кауер, експерт за интернет и заштита за податоци. Тој критикува: „Криминалистичката полза е рамна на нула.“

Што ќе се случи по тест-фазата?

Властите со проектот сакаат да утврдат дали камерите и компјутерите веродостојно го препознаваат човекот. Сѐ уште е целосно отворено колку ваквата техника е навистина успешна. Но, таа има потенцијал за широка употреба. Управителите со железничките станици во Германија, како што е Германската железница, „континуирано“ го зголемува бројот на камери. Во моментов околу 6000 камери набљудуваат повеќе од 80% од патниците ширум земјата.

Секојдневниот сообраќај се набљудува со камери не само на железничките станици, туку и во трамваите и автобусите. Тоа на граѓаните на Берлин по сѐ изгледа не им е доволно: една иницијатива бара поставување на 2500 камери на 50 најопасни места и улици во градот.

Може ли програмата да биде злоупотребена?

Германските власти ползата од програмата ја образлагаат со потрагата по лица „од кои произлегува опасност или од кои може да произлезе опасност“, односно со неопходноста од нивно препознавање и лоцирање. Но проектот не е без полза ниту за партнерот за соработка. Претпријатието би можело да се обиде, на пример, да презема мерки против пишувачи на графити кои ги прскаат со спреј неговите автомобили. Програмата, во основа, ги споредува видео снимките од надзорот со фотографиите со кои е „нахранета“. Во моментов станува збор за луѓе кои патуваат до работно место, а подоцна тоа треба да бидат лица по кои е распишана потерница или кои се осомничени за нешто. Техничката неутралност крие и потенцијал за злоупотреба, зашто системот теоретски може да се нахрани со секакви податоци. Авторитарни држави како Кина веќе одамна, покрај цензурата на интернет, спроведуваат и контрола на јавниот живот преку системи за надзор. Програми за препознавање лица би можеле да им овозможат целно набљудување на политичките противници.