„Голема коалиција за големи задачи“
27 ноември 2013„Постигнавме коалиционен договор под мотото ’Моделирање на иднината на Германија’, и тоа, меѓу другото, значи и тоа дека сме ние голема коалиција за да излеземе на крај со големи задачи“, изјави канцеларката Ангела Меркел на прес-конференцијата во Берлин, одржана напладне, само неколку часа по дефинитивниот договор меѓу партнерите кои треба да бидат дел од идната влада. Во фокусот на договореното се финансиите, обезбедувањето благосостојба во земјата и социјална сигурност на граѓаните. ЦДУ, вели канцеларката, ќе ги реализира централните предизборни ветувања. Таа нагласи дека нема да има зголемување на даноците, а освен тоа цел на идната коалиција ќе биде и „да не се задолжуваме натамошно“. Меркел укажа и на планираните инвестиции во сообраќајната инфраструктура во висина од пет милијарди евра, како и дополнителните средства за истражувања и за проширување на мрежата на градинки во земјата. Според Меркел, целосна вработеност во земјата е реална цел, а што се однесува до договорот за минимална плата од 8,50 евра бруто за работен час, оцени дека е тоа „фер компромис“.
Првиот човек на социјалдемократите Зигмар Габриел подвлече дека прва цел на коалицијата ќе биде обезбедување стабилност во Европа и на еврото. Освен тоа, тој се осврна и на прашањето на енергетскиот пресврт во Германија, кој како што оцени е „најголемиот технички, еколошки и социјален предизвик од обединувањето до денес“. Целта на големата коалиција е да се стори се‘ за енергетскиот пресврт да биде можен во економски и социјален смисол. Габриел нагласи дека особено го радува тоа што коалицијата постигнала договор за социјален напредок на „малите вредни луѓе“. Со тоа Габриел мисли на минималната плата која ќе почне да важи од 2015 година и планираните подобрувања во делот на пензиите.
Шефот на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер оцени дека коалициониот договор е „добар“ и дека тој „ќе ја одведе земјата напред“. „Јас сум многу, многу задоволен“, рече тој на прес-конференцијата.
СПД во идната влада би добила шест министерства, ЦДУ пет плус шеф на кабинетот на канцеларот, а ЦСУ три министерства. Како ќе бидат пополнети министерствата останува отворено, се‘ додека за коалициониот договор не биде дадено зелено светло од страна на базата на СПД, гласање чиј исход е неизвесен. Околу 475.000 членови на СПД за коалициониот договор ќе гласаат во периодот од 6 до 12 декември. Доколку тие дадат зелено светло, Ангела Меркел би била реизбрана за канцеларка во неделата пред Божик, на 17 декември.