1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема Албанија на мала економска врата?

Свето Тоевски28 јуни 2012

Предлогот на австриски економист и албански новинар од Косово за Бенелукс на Балканот ги разбрануваа страстите во регионот. Стравувањата се дека зад економската интеграција се крие намера за Голема Албанија.

https://p.dw.com/p/15N7S
Фотографија: DW

Минатата недела австрискиот економист Гинтер Фелингер и новинарот Екрем Красниќи од Косово предложија Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора заеднички да изградат „постојана структура за регионална економска соработка“.

Според двајцата автори, „оваа структура би го забрзала нивното интегрирање во ЕУ“. Со формирањето на „Бенелуксот на Балканот“, како што го нарекуваат Хелингер и Красниќи, промовиран минатата недела, како предлог преку интернет-страницата „ЕУ-обсервер“, би се создал „заеднички пазар од 8 милиони жители со забрзана циркулација на стоката, луѓето и капиталот преку нивната поголема регионална соработка, на патот на евроинтеграцијата“.

Македонскиот министер за економија Валон Сараќини во писмената изјава за ДВ во врска со оваа идеја вели:

„Регионалното поврзување е корисно, особено земајќи го економскиот аспект во преден план. Трговијата, инфраструктурата, туризмот и инвестициите се сферите каде што таа соработка би се продлабочила и би се зајакнала согласно со законските решенија, кои секоја земја ги има. Регионалната економска соработка е еден од основните приоритети за Македонија. Трговската размена во регионот, во рамки на ЦЕФТА договорот се движи околу 20 отсто. Стремежот е тој процент да се зголеми, особено со земјите кои се наши директни соседи, поради близината, намалувањето на транспортните трошоци, негувањето на добрососедските односи, препознатливоста на стоките, усогласување со европските прописи и др. Ваков концепт на соработка имаат скандинавските земји, на пример, како и земјите на Бенелукс, токму во делот на слободен проток на услуги, човечки ресурси и капитал. Според мене, регионалното поврзување без политички предзнак, туку како повисока форма на економска соработка, е позитивно и е во функција на забрзување на евроинтегрирањето“.

„Балканскиот Бенелукс непотребен во ерата на глобализација“

Оваа иницијатива наидува на поделени коментари меѓу експертите за меѓународна економија, кои ги консултираше ДВ.

Ирена Кикеркова, професор по меѓународна економија и надворешна трговија од Државниот факултет во Скопје, коментира:

„Факт е дека во рамки на ’ЦЕФТА’-2006 Косово е особено важен извозен пазар за македонските производи, особено за свежите земјоделски продукти, но и за индустриската стока. Македонските производи, кои се соочуваат со сериозни конкурентски недостатоци, навистина би имале предности на пазарите во Албанија и Црна Гора. Албанија и Црна Гора имаат и излез на Јадранот, па заедничка регионална иницијатива би можела да и’ отвори на македонската економија алтернативни патишта за извоз, за да не зависи таа од старите партнери, со кои има проблеми. Но, за да се оствари ова, потребна е силна политичка волја, што воопшто не е едноставно и не може да се реализира веднаш. Тоа што ваква иницијатива би се поддржала не значи дека треба да сопре соработката со другите земји во регионот“.

Gordana Djurovic Professorin Montenegro
Црногорската универзитетска професорка Гордана Ѓуровиќ смета дека етничката структура на земјите не треба да биде основа за регионални економски интеграции.Фотографија: privat

Гордана Ѓуровиќ, експерт за регионална економија и меѓународни економски односи од Државниот универзитет во Подгорица, во Црна Гора, е категорична: “Бенелуксот на Балканот не е неопходен, кога имаме сосема коректен модел за либерализација на трговијата и за јакнење на економската соработка преку ’ЦЕФТА’ - регионалната спогодба за слободна трговија од 2006 година. Позитивното искуство на ’ЦЕФТА’ спогодбата од 90-тите години резултираше со тоа што сите поранешни членки на ’ЦЕФТА’ од Централна и Источна Европа денес се полноправни членки на ЕУ. Секоја земја од регионот има мошне интензивна трговска соработка со ЕУ преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, додека Косово користи ’Автономни трговски преференцијали’, кои му овозможуваат слободен пристап кон пазарот на ЕУ. Црна Гора со регионот и со ЕУ има 91 проценти од вкупната трговска размена, а само 9 отсто со остатокот на светот“.

Насир Селими, професор по меѓународна економија и регионални економски интеграции во Штуловиот универзитет, го изнесува следниов став околу „Балканскиот Бенелукс“:

„Ваквата регионална интеграција би имала ефективни потенцијали за економска соработка. Економските показатели во последно време во врска со меѓусебната економска соработка на четирите споменати земји најдобро го потврдуваат ова. Македонија има најдобра трговска размена со Косово, додека таквата размена се повеќе расте и со Албанија. Зошто да се гледа со резерва на ваквата интеграција, кога таа ќе дава резултати, штом и во многу региони во светот таквите мали интеграции се покажале како ефикасни? ’Балканскиот Бенелукс’ треба да се развие, а времето ќе докаже дали ќе треба и да се прошири. Луѓето кои контактираат, се дружат, тргуваат, градат проекти во полза на повеќе земји, се почитуваат повеќе меѓу себе и градат поцврста меѓусебна доверба и перспектива“.

Билјана Секуловска – Габер, експерт за меѓународни економски интеграции од  Државниот универзитет во Скопје, е претпазлива:

„Како економист, воопшто не можам и не сакам да ги гледам работите еднонасочно. Секоја иницијатива за соработка за мене е позитивна. Колку беше негативно дочекана идејата за соработка меѓу државите од поранешна Југославија, која ја даде на времето Карл Билд... Ако имавме малку повеќе широчина тогаш, можеби денес со нивото на развој ќе бевме како некогашните земји од Источна и Централна Европа“.

Таа дополнува: „Но, нема потреба да се прави такво стеснување: интеграција само на одредена популација, или на одредени држави, кога веќе постојат толку многу иницијативи на просторот на Југоисточна Европа, или на Западниот Балкан. Денес кога светот се глобализира, кога зборуваме за Европа без граници и за натамошно проширување на ЕУ, нема потреба да се гледа тесно, со опфат само на државите со Албанци. Би било многу попозитивно кога таа иницијатива за ’Бенелукс на Балканот’ би се проширила на сите држави, кои денес членуваат во ’ЦЕФТА’-2006. Идејата би ја прифатила како поттик за повисок степен на економска соработка не само во областа на трговијата, туку и за слобода на услуги, капитал и на работна сила, со проширување врз сите земји во регионот“.

Karte ehemaliges Jugoslawien mit Mazedonien
Од македонското министерство за економија сметаат дека регионалното поврзување е корисно.Фотографија: AP Graphics

Гордана Ѓуровиќ се надоврзува: „Во денешните предизвици на глобализацијата и либерализацијата, како и на постоење на ЕУ-пазарот од 500 милиони луѓе, пазарот од 8 милиони луѓе, за кој говорат покренувачите на иницијативата, е сосема мал. Споменатите земји треба да се стремат да бидат колку е можно повеќе вклучени во меѓународните економски односи.“

„Важна иницијатива“

Петрит Положани, професор по макроекономија од Државниот универзитет во Тетово, истакнува: „Апсолутно ја поддржувам иницијативата, која е многу важна за малите држави, особено за Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Тоа ќе биде успешна идеја и може да се реализира. Со нејзиното реализирање ќе се зголемат капиталот и конкурентската способност на пазарот на секоја од споменатите држави. Би се зголемиле перформансите за полесно влегување во ЕУ“.

Во јавноста во Македонија и во регионот заложбата за создавање на „Бенелукс на Балканот“ побудува и негативни реакции, дека таа е промовирање на идејата за „Голема Албанија на мала економска врата“. Регионалниот албански информативен веб-портал „Глоби сот“, пишува за предлогот на Хелингер и Красниќи под индикативен наслов: „Решение за Балканот: Балкански Бенелукс или Етничка Албанија?“ Дел од медиумите во Македонија сметаат дека е тоа идеја за „Голема Албанија“.

Положани се спротивставува: „Апсолутно не се согласувам дека таквата интеграција би била ’Голема Албанија на мала врата’“.

Професорката Ѓуровиќ заклучува: „Етничката структура на споменатите земји не треба да биде основа за регионалните економски интеграции“.