Голем интерес за Ангела Меркел во САД
13 јануари 2006Германската канцеларка Ангела Меркел по доаѓањето во САД се заложи за консеквентно однесување во атомскиот спор со Иран. „Иран провоцира, ги мина црвените линии и има едноставно работи што се неприфатливи„ – порача Меркел вчера вечер по пристигањето во Вашингтон на прва официјална посета на САД од доаѓањето на функцијата. За време на заедничката средба на околу 200 американски и германски политичари во Вашингтон, Ангела Меркел порача дека мора да се најде начин како да му се покаже на Иран оти не смее да ја провоцира меѓународната заедница. Таа посочи дека меѓународната заедница мора да изнајде што е можно поширока основа за заедничко дејствување околу овој спор и ја поздрави препораката на тројцата европски министри за надворешни работи случајот со атомската програма на Иран да се изнесе пред Советот за безбедност на ОН.
Што се однесува до американско-германските односи, таа се изјасни за отворен и искрен дијалог околу сите отворени прашања, како што е на пример борбата против тероризмот. Меркел оцени дека обете страни се наоѓаат во процес на учење и дека би било страшно само ако некоја од нив би го отфрлила дијалогот околу различните проценки. Таа во одговорите на прашањата од присутните гости ги повтори задршките кон спорниот американски затвор за осомничени терористи во Гвантанамо. Но, што се однесува општо до германско-американските односи, таа порача дека обете страни мораат да најдат сила да почнат нова фаза во меѓусебните односи.
На свечениот прием, што беше организиран по повод Конференцијата на Американскиот совет за Германија и Германското друштво за надворешна политика, Ангела Меркел со нескриено задоволство нагласи дека се чувствува на гости кај пријатели. Не е ни чудо, бидејќи меѓу 200-те видни гости беа и поранешниот американски министер за надворешни работи Колин Пауел, како и вршителката на истата функција за време на владеењето на Бил Клинтон, Медлин Олбрајт. Во американската јавност очигледно владее позитивна настроеност кон Ангела Меркел и голем интерес. Американците добро знаат дека Германија во 2007-та година истовремено ќе го преземе претседателството како со ЕУ, така и со Групата 8 најразвиени земји во светот.
Од германска страна, пак, со големо задоволство се бележат и другите показатели за добродојденоста на новата германска канцеларка, како што е фактот дека и‘ е понудено да отседне во гостинската куќа на Претседателот Буш, што се наоѓа веднаш спроти Белата куќа и тоа што тој си одвоил цели три часа за средбите со Ангела Меркел. Предвиден е како разговор во четири очи, така и со најблиските соработници, а Буш и Меркел ќе имаат можност уште подобро да се запознаат на заедничкиот ручек потоа.