Голем долг кон жртвите на теророт во Берлин
19 декември 2017Ништо не може да го намали страдањето. Мајката која го погребала синот, човек кој ја оплакува сопругата, дете кое го изгубило таткото - кај сите нив ќе останат раните, кои пред една година им ги нанесе терористот-кукавица Анис Амри. Тие рани не може да ги залечи ни разговор со Ангела Меркел, ни чек од сојузната влада, ниту истражна комисија. И ние сносиме одговорност кон жртвите.
Семејствата на жртвите со право се жалат дека канцеларката ги оставила на цедило. За волја на вистината, Ангела Меркел веднаш по нападот беше на поменот во црквата на Брајтшајдплац и на годишнината од нападот се сретна со членовите на семејствата на жртвите. Но помеѓу тоа поминаа дванаесет долги месеци, во текот на кои канцеларката не беше тука за нив. Без оглед на тоа што со членовите на семејствата на жртвите се среќаваше германскиот претседател и што владата именуваше ополномоштеник за жртвите - и Ангела Меркел моршае лично да им се посвети.
Повеќе на темата:
-Терористичкиот напад во Берлин можел да биде спречен?
-Терористот Амри нападнал по налог на Исламска држава?
-Анис Амри: Како осомничен за тероризам им избега на германските власти?
Веќе со години населението се предупредува на опасноста од терористички напад. А кога тој навистина се случи, Германија не беше подготвена. Семејствата на настраданите немаа кому да се обратат - ополномоштеникот за жртвите беше именуван дури неколку месеци по нападот. Парите не можат да го заменат човечкиот живот. Но кога и тоа ќе изостане, и кога повредената жртва не може својот стан да го прилагоди за инвалидска количка, и кога луѓето талкаат од едно место до друго во потрага по поддршка, тогаш тоа не е достојно за една богата земја како Германија. Мора да биде јасно кој плаќа и износите мора да бидат соодветни - без оглед на тоа дали станува збор за жртва од Германија, Полска или Израел. Тоа им го должиме.
Германија потфрли и треба да се соочи со тоа
Најлошото сознание за семејствата на настраданите е тоа дека нивните најдраги страдале затоа што се направени големи грешки. Терористот не се беше појавил од никаде, тој претходно со години им бил познат на германските безбедносни слуужби. Да бил протеран од земјата, уапсен или следен, немаше да му појде од рака да убие дванаесет луѓе. Германија потфрли.
Каква е смислата на федерализмот, одвојувањето на тајните служби и полицијата и мноштовото надлежности доколку еден исламист, кој сака да набави експлозив и оружје, кој е во контакт со високопозиционирани луѓе на Исламска држава и кого тајните служби го означуваат како исклучително опасен - се истргне од контрола? Политичкиот систем во Германија потфрли.
На жртвите им должиме такво нешто никогаш да не се повтори. Нигогаш да не се потцени опасноста од некој екстремист. Никогаш повеќе случаи да не се префрлуваат од една на друга служба. Никогаш повеќе да не се загубат информации во Германија и во Европа. За многу пропусти веќе се знае. Политичарите им го должат тоа на жртвите: целиот случај да се истражи и да се извлечат поуки.
Но поради жртвите сме обврзани и да продолжиме да ја живееме нашата слобода. Погрешна последица од тероризмот би била кога веќе не би оделе на божиќни панаѓури и кога би престанале заедно да пиеме варено вино. Мораме да се погрижиме за тоа теророт да биде поразен, а да победи човечноста. Тоа исто така им го должиме на жртвите.