1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на незавршени работи

3 јануари 2020

2020 ќе биде година во која ќе има чекори кон незавршените работи од 2019.  Дали тоа е добра или лоша вест, ќе видиме. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3VgYN
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Македонската политичка сцена навидум изгледа поставено доста интересно за годинава што тукушто ја начнавме. Сепак, и дома, и во регионот, а секако во светот, мислам дека политичките процеси во 2020 ќе бидат во основа само логични разрешници, односно еволуции на некои геостратешки и политички поместувања почнати во 2019. Не мислам дека не чекаат некои големи изненадувања, што сепак не значи дека патувањето нема да биде интересно.

Најнапред дома: годинава што доаѓа ќе биде обележена со веќе извесните избори на пролет, кои ќе дефинираат некои процеси во македонскиот и албанскиот политички блок. Мислам дека во македонскиот политички блок нема да има драматични расплети – двете најголеми партии се толку блиску со рејтинзите што е невозможно да се предвиди кој ќе победи на изборите, но секако разликата нема да биде голема, што значи релативен баланс на политичките сили и во наредниот мандат.  Лутината кон СДСМ за недостатокот на испорака на некои полиња ќе биде балансирана со стравот од ВМРО ДПМНЕ за уназадување на некои процеси кои успешно почнаа со СДСМ. Оттаму, македонското гласачко тело ќе се подели по ЕУ/НАТО оската, на оние кои за таа иднина се подготвени да направат компромис во ефикасноста, и на оние кои таквиот компромис го чувствуваат за национално предавство. Со други зборови, истата стара приказна: патриоти и предавници. Дури мислам дека нема да има драматична разлика во излезноста, имајќи предвид дека биполарната поставеност на гласовите ќе форсира изјаснување.  Извесно изненадување ќе бидат третите партии кои можат да добијат некоја посериозна гласачка база, но тие ќе бидат под притисок на изборниот модел. 

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во албанскиот блок ќе биде поинтересно. Таму потребата за промени, рационално или не, сеедно, ќе направи гласачкото тело, а и партиите, да бидат реално подготвени за ново мешање на картите. Тука мислам дека притисокот ќе биде кон формирање на пандан на ДУИ, преку предизборни или постизборни коалиции, сеедно, што мислам дека ќе ја разбуди и самата ДУИ во овој период.  Прашањето е дали таа потреба за промени ретроградно ќе ја радикализира реториката кај албанскиот електорат, или ќе ја премести кон теми врзани за економијата, здравството образованието и слично. На прв поглед изгледа дека сепак албанските партии ќе се вратат на својата зона на комфор и ќе се обидат да го канибализираат и она малку енергија колку што е останато во темите врзани за корпусот позитивна дискриминација и еманципација на позициите на Албанците во државата.  Значи, и таму истата приказна, можеби сега од нови актери.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Кога два и два не смеат да бидат четири

-Хроника на еден најавен развод

-Кандидат за мандатар - повеќе симболика, помалку придобивки

Она што исто така ќе ја обележи 2020 дома, се борбата за правда, расплетот на НАТО и ЕУ напорите, но истовремено и демографските поместувања кои неизбежно ќе еволуираат во наредниов период.  Кај борбата за правда мислам дека политичките елити ќе се соочат со растечки притисок од невладиниот сектор и од електоратот, но тоа ќе биде фрустрирачка борба, полна со „возење во лер“, имајќи предвид дека етаблираната фела ќе се противи на било кои промени.  Сепак, мислам дека тука има најмногу потенцијал за напредок, зашто по тоа прашање има релативен консензус (се разбира, не од партиите) од гласачкото тело за неопходноста на промени. Тоа може да ги динамизира овие движења во 2020. Значајна варијабла тука се секако евроатлантските интеграции, од кои НАТО помалку, ЕУ повеќе. Членството во НАТО изгледа извесно веќе на почетокот на 2020, имајќи предвид дека Шпанија изгледа постигна договор за влада. ЕУ ќе биде понеизвесен и поголем предизвик, иако притисокот да не се пропушти оваа шанса ќе биде голем. Сепак, двете големи варијабли се веќе психолошки апсолвирани кај гласачите, и нема да предизвикаат драматични промени. Главниот предизвик во 2020 ќе биде експлозијата на егзодусот на младите, кој ќе биде засилен како што западните земји ќе ги привлекуваат со пакети за олеснување на имиграцијата.

Во регионот, исто така ќе гледаме расплети на незавршени процеси.  Тука пред се мислам на обидот на регионот да му се даде европска перспектива, што сепак е врзано за исходот на самитот на ЕУ во март за Албанија и Македонија.  Прашањето на Косово ќе доминира во останатите геостратешки позиции и во наредната година, но тешко дека ќе има разрешница.  Во нагорна линија ќе биде влијанието на Турција во регионот, која има стратешка цел да стане регионална велесила, а во надолна линија ќе биде руското влијание на регионот, како што еден по еден ќе се решаваат позициите за кои пишував погоре.

Пошироко, главни настани во 2020 ќе бидат Брегзит и изборите во САД, но и тие настани ќе бидат продолжување на анти-естаблишмент наративот и сентиментот кој веќе постои и во САД и во Обединетото кралство.  Во двете земји, политичките елити не успеваат да најдат успешен одговор на напливот на популизам и национална реторика кој еманира од лидерите, и не треба да се очекуваат никаква значајни поместувања. Во таа смисла, очекувам само засилување на позициите на Трамп и Џонсон во периодот кој доаѓа, врз база на веќе почнатите процеси во 2019. 

Сѐ на сѐ, 2020 ќе биде година во која ќе има чекори кон незавршените работи од 2019.  Дали тоа е добра или лоша вест, ќе видиме.