1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гневните граѓани ќе го кажат своето на наредните избори

Фолкер Вагенер
19 ноември 2016

Гласањето од протест е жешка тема, особено по изборите во САД. Движењето на незадоволниците му создава главоболки и на политички Берлин.

https://p.dw.com/p/2Seog
Bundestagswahl Deutschland 22.09.2013 Peer Steinbrück SPD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија од пред неколку години се зборува за „лошите гневни граѓани“. Пегида и пред сѐ партијата Алтернатива за Германија (АфД) го артикулираат делумно нескротливиот гнев поради политиката во Берлин воопшто и прашањето на бегалците особено.

Сѐ до триумфот на Трамп, политиката и најголемиот дел од јавното мислење ги дискредитираа морално ваквите граѓани. Меѓутоа, сега на многумина „им светна“ дека не сите кои стојат десно од центарот се расисти или десни екстремисти. „Гневните граѓани“ се резултат на максималното отуѓување меѓу водечката елита и деловите од народот. Етаблираните партии речиси и не им обраќаат внимание, па и не ги претставуваат овие граѓани.

Нацијата веќе не е „безбедна зона“

Кога почна делумно неконтролираното доаѓање на околу еден милион бегалци, се разбуди стравот токму кај оние кои и онака живеат во економски тешка ситуација: невработените, оние кои работат во секторот на ниски плати и семејствата кои заработуваат малку. Поради тоа, финансиските средства кои беа одвоени за бегалците беа неопходни од хуманитарен аспект, но нивниот политички ефект беше уништувачки. Исто така и привременото откажување од гранични контроли ја повреди потребата од заштита која постои кај многумина.

Нарушена е улогата на државата како грижлив старател. Во време, во кое на политиката ѝ се неопходни години за да се воведе минимална плата и во кое на работниците им се закануваат тешки пензионерски денови, великодушниот прием на бегалци е проблематична тема во широки слоеви на населението, не само меѓу граѓаните од долниот слој на општеството.

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер

Против ароганцијата на етаблираните

Протестот кој се искажува на избирачките места, според социологот Хајнц Буде, е израз на потребата на оваа заборавена група граѓани да подвлече линија под политиката од изминатите 30 години. Ароганцијата на естаблишментот во политиката и медиумите ги загуби од вид жртвите од глобализацијата.

Многу избирачи на Трамп во американската провинција, на југот и централниот запад, не сакаат веќе од страна на елитите на западниот и источниот брег да бидат претставувани како заостанати простаци. На еднаков начин во Германија може да се гледа на огорченоста против политички Берлин, оазата на комфорни консензуси подготвена како хомофоб да го етикетира секој кој не ги поддржува хомосексуалните бракови. Мејнстрим медиумите со своето монотоно и еднострано известување пропишуваат како треба да се размислува. Тој плиток педагошки пристап оди на нерви.

Мулти-култи е академска определба

Ништо не е подобра потврда за тоа од определбата за мултикултурно општество, која одамна е дел од идеолошкиот инвентар на политички коректните. Таа не е израсната одоздола, туку е наметната одозгора како морално високо добро. Ја наметнуваат пред сѐ оние со завршено високо образование, луѓето кои живеат во градовите, левичарските либерали во најширока смисла на зборот. Таа соодветствува на нивниот животен стил: да се оди на јадење кај Индиецот на аголот, да се купува во еко-продавници, консеквентно да се дели отпадот и наместо половина година однапред да се резервира одмор во Доминиканска Република, да се оди на детоксикација на организмот во Шварцвалд.

Сето тоа и многу повеќе од тоа нема воопшто никаква врска со секојдневието на социјално запоставените. Оној кој мора да се снаоѓа без работа, да живее без пекар и аптекар во полупразната источногерманска провинција и кој мора да вози по 50 километри до лекар, тој нема разбирање за културата на добредојде наредена од монденскиот мулти-култи Берлин. Уште полошо - се чувствува измамен!

Прва граѓанска обврска - политичка коректност!

Политичката коректност, која е такаречи компас за однесување на нашето општество, им оди на нерви на сѐ поголем број луѓе. За да се заземе став контра мејнстримот е потребна внатрешна сила, а тоа го нема секој. На добронамерната и високоморална парола „Ќе успееме!“ со бегалците, долго време не смееше да ѝ се противречи, освен по цена на „шитсторм“ на социјалните мрежи. А оние кои поради грижите како ќе преживеат немаа интерес за воведување на квотите за жени, и онака веќе се наоѓаат во политички офсајд. Така е веќе и во Германија - општеството во меѓувреме е длабоко поделено. Ако за гневните граѓани не се погрижиме поинаку освен со педагошки тиради, тогаш ќе видиме каде тоа ќе нѐ одведе. Ќе дознаеме најдоцна на изборите во 2017-та.