1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласен молк од Брисел

Бернд Ригерт/ превод: СН6 јуни 2016

Врвот на Европската унија не се ангажира во кампањата за „брегзит“ референдумот во Велика Британија и на тој начин сака да им помогне на заговорниците на останувањето во ЕУ. Тоа може да биде грешка, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1J10i
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Дали станува збор за кукавичлук или за мудра тактика? Спроти референдумот во Велика Британија политичкиот врв на Европската унија молчи. Се избегнуваат патувања во “неединственото“ Кралство. Последен кој се осмели да оди во Лондон беше британскиот еврокомесар, Џонатан Хил пред околу две недели.

Без поддршка од Брисел, ве молам

ЕУ, а посебно Еврокомисијата, се крајно неомилени во „незадоволното“ Кралство. Затоа експертите за односи со јавноста во тимот на Јункер одлучија дека е најдобро да се биде што помалку видлив.

Срамота е што врвот на ЕУ не се осмелува ни да се бори за сопствената добра работа. Колку далеку се отиде со политичката култура кога веќе и јавните настапи се вреднуваат како провокација? Дури и британските заговорници на останувањето на земјата во ЕУ не сакаат поддршка од Европа.

Британскиот премиер Дејвид Камерон порадо би се борел сам на телевизиските настапи кои го очекуваат. Тој е осамен суперхерој кој го скротува европското чудовиште и кој договори најдобар можен статус за Британците, кои, како што вели, Брисел ги угнетува. Се разбира, покрај ваква бесмислица, не би бил пожелен настапот на „лошите момци“ од Брисел: Јункер, Туск и претседателот на Европарламентот Мартин Шулц.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер самиот себеси си забрани да говори. Изјави дека сака да биде „што е можно помолчелив“. Истото важи и за остатокот на бриселскиот тим. Додуша, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск деновиве уште еднаш предупреди на опасноста од т.н Брегзит- но тоа беше само изјава на маргините на едно стручно советување во Брисел.

Во меѓувреме, расправата на тој „чуден остров“ се води со истотолку ирационални аргументи- така што јасен став на ЕУ веројатно би бил контрапродуктивен. Фактите само би пречеле. И покрај тоа, гледано од страна, малку е чудно дека ЕУ се држи на страна, иако на тој референдум сепак станува збор за неа. Ако Британците се одлучат за излегување од Унијата, ќе се вели дека ЕУ премалку се ангажирала- или можеби премногу. Претседателот на Еврокомисијата Јункер се откажа од обидот да ја свати таа логика. Тој стави до знаење дека критиката на сметка на наводното вмешување или премалиот ангажман му станала- „неважна“. Тука се насетува очај.

Треба ли да им биде срам?

Кога по големиот „Брегзит- тресок“ на 23. јуни ќе слегне правот, во Брисел ќе мора самите себеси да си го постават прашањето: дали навистина беше паметно да се молчи. Зарем не е почесно да се каже своето мислење, па дури и ако не те прашуваат? На крајот од краиштата, сепак станува збор за судбоносно прашање за Европската унија- а не само за некаква внатрешна работа на една земја.

„Бидете похрабри!“- тоа би било најдобро да им се довикне на лидерите на ЕУ. Заземете став. Но очигледно е крајно непопуларно гласно и искрено залагање за ЕУ. Се бара кукавичлук. Дали тоа е вистинскиот рецепт да се уверат евроскептиците? Кој се срами од тоа што го прави исправно, не може да воодушеви никого.