1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласање по „изборно шоу“ во Албанија

Аурон Доди / Елизабета М. Фиданоска23 јуни 2013

Албанците денеска избираат нов состав на парламентот, по седми пат од падот на комунизмот. Во предизборната кампања содржински не се истакна никој. Големи иритации предизвика промената на страната на една партија.

https://p.dw.com/p/18tsG
Фотографија: DW/A. Muka

Тоа беше борба на две опции. Во Албанија конкурираат два сојуза - „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“ (која се формираше околу владејачката Демократска партија) и „Алијансата за европска Албанија“ (која се создаде околу опозиционата Социјалистичка партија). На двата сојуза му се приклучија 62 од вкупно 66 партии кои учествуваат на изборите денеска (23.06.2013).

Со регионалниот пропорционален систем во Албанија во предност се големите партии, во случајот Демократската партија (ПД) и Социјалистичката партија (ПС). За помалите парии е тешко да стигнат воопшто до пратеничко место. Затоа, тие му се приклучуваат на еден од двата сојуза. Набљудувачите, затоа, особено напрегнато следат како се позиционираат во анкетите малите партии кои не се дел од сојузите, како националистичката Црвено-црна алијанса (АК), конзервативната партија Нов демократски дух (ФРД) или партијата на грчкото малцинство ПБДНЈ, кои може да играат улога при составувањето на идната владејачка коалиција.

Wahlen in Albanien
Сали БеришаФотографија: DW/A. Muka

Според набљудувачите, најмногу шанси да ја има пресудната улога во изборната игра овојпат би можела да има една мала партија која не настапуваше сама во изборната кампања - Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ). Социјалистичката партија која се отцепи ја предводи поранешниот министер за надворешни работи Илир Мета. Тој до почетокот на април коалицираше со владејачките демократи. Потоа замина во опозициониот сојуз на опозиционата Социјалистичка партија, која идеолошки и онака и‘ е поблиска. На тој начин, двете партии имаа мнозинство во парламентот. За тој да не биде распуштен веднаш придонесоа тројца пратеници на социјалистите, кои со своите гласови ги поддржуваа демократите.

Промената на страната предизвика институционална криза

Промената на страната на ЛСИ предизвика криза во организацијата на изборите, која може да ја стави под знак прашалник легитимноста на гласањето. Откако ЛСИ премина во опозиција, владата веднаш ги отпушти претставниците на оваа партија од Централната изборна комисија и ги замени со свои претставници. Поради ваквиот потег, кој е спротивен на правилата, сите преостанати претставници на опозицијата ја напуштија Централната изборна комисија. Оттогаш, наместо седум члена, Комисијата има само четири члена, кои се претставници на власта. Многу одлуки, за кои ќе биде потребно мнозинство од пет члена, веќе нема да може да се донесат. Централната изборна комисија, значи, е способна да дејствува само во одредена мера. Албанските партии додуша најавија дека ќе го признаат изборниот резултат, сеедно каков ќе биде, но тоа треба да се прифати со резерва, зашто во минатото оние што губеа на избори секогаш имаа сомневање во изборните резултати.

Wahlen in Albanien
Еди РамаФотографија: DW/A. Muka

Двата големи сојузи ги избраа своите имиња промислено. „Алијансата за работа, благосостојба и интергација“ на демократите треба да укажува на пофункционална економија, додека „Алијансата за европска Албанија“ на социјалистите на европска држава со помалку корупција и подобра инфраструктура. Сепак, големи содржински разлики во програмите на двата сојуза не можеа да се препознаат во изборната кампања: „Кампањата беше помалку насочена кон суштински теми, а повеќе кон меѓусебни обвинувања и префрлања за корумпираност“, критикува во интервју за Дојче веле Франк Хантке од фондацијата Фридрих Еберт во Тирана.

Навреди и вицови без содржина

Исклучок беше темата економија, каде партиите првпат се обидоа да се дистанцираат идеолошки една од друга. „Владејачката партија фаворизира и натаму т.н. ’Flat-Tax’, односно една стапка на оданочување, со аргумент дека таква стапка е атрактивна за потенцијалните инвеститори. Социјалистичката партија, пак, се залага за прогресивно оданочување, односно даночен систем во три степени, при што не е јасно што ќе се третира како низок приход, што како средни примања, а што како висок приход“, објаснува Томас Шрапел од фондацијата Конрад Аденауер во Тирана.

Бескомпромисност во изјавите и лични навреди на политичкиот противник се слушаа како од социјалистичкиот табор на Еди Рама, така и од демократскиот на Сали Бериша. Медиумите, пак, изјавите им ги сервираат на избирачите нефилтрирано. „Со оглед на тоа што речиси и немаше дебата меѓу противниците околу суштински проблеми, она што стигна во домовите на Албанците беше во голем дел изборно шоу - вицови без содржина и лични конфликти на политичките лидери“, критикува албанскиот експерт за медиуми Мустафа Нано.

Wahlen in Albanien
Во предизборната кампања имаше малку суштински темиФотографија: DW/A. Muka

Паналбанската еуфорија, која се ширеше од ноември 2012 година, кога се одбележа 100-годишнината од независноста на Албанија, немаше место во изборната кампања. И изјавите кои можеа да се слушнат од албанскиот премиер Бериша на почетокот на кампањата, како „неопходност од обединување на албанската нација“, веќе ги немаше во подоцнежните говори. По меѓународните критики од страна на Еу и САД паналбанската реторика веќе не се повтори.