1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гејмском - „проиграни“ милијарди

Андреас Бекер/Ж.А.17 август 2016

Компјутерските игри се бизнис вреден милијарди долари. Во Келн почнува најголемиот светски саем на игри, Гејмском. Новите технологии како виртуелната реалност можат да бидат решавачки и за преживување на некои фирми.

https://p.dw.com/p/1JjXd
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.B. Tongo

Млади луѓе играат компјутерски игри, некои се изврзани со кабли, некои се во костуми, а некои сосем обично облечени - тоа се слики од саемот Гејмском кои ги пренесуваат медиумите. Лани, најголемиот саем на компјутерски игри имаше рекордна посетеност од 345.000 луѓе во текот на петте дена. Секој десетти бил припадник на браншата. И годинава саемот сака да го продолжи започнатиот растеж. Шансите се добри, зашто 2015. година на планот на техниката донесе промени. Додека на поранешните саеми можеше да се видат само тест-верзии на кациги за виртуелна реалност, сега техниката е зрела за пазарот.

Виртуелни надежи

Окулус, ХТЦ и Самсунг се трите големи производители кои во изминатите 12 месеци на пазарот ги изнесоа своите очила за виртуелна реалност, а наесен Сони ќе ги претстави своите, кои ќе функционираат како дел од системот Плејстејшн. Тоа ќе овозможи нови идеи и апликации, а мотото на годинешниот Гејмском „Херои во нови димензии“ ја покажува надежта на браншата за пробив во новите димензии на дигиталната забава. „Производителите мораат да смислат нови идеи“, вели Хартмут Гизелман од компјутерскиот магазин ЦТ: „Досега видовме бројни екпериментални игри. Сега сите ќе излезат на масовниот пазар, а производството станува поголемо и подобро.“

Нови апликации

Компјутерските игри, спортските преноси и порнографијата важат за бранши кои го помогнаа пробивот на новите технологии. „Виртуелната реалност е изум на индустријата за игри, но се‘ повеќе бранши ја прилагодуваат кон себе“, вели Максимилијан Шенк, шеф на Германскиот сојуз за интерактивен забавен софтвер, БИУ, еден од коорганизаторите на Гејмском. Тој укажува на резултатите на репрезентативна анкета меѓу 2000 корисници на интернет во Германија: „40 проценти од корисниците би се одлучиле да летуваат на одредено место врз основа на искуствата со виртуелната реалност, тие можат со помош на 3Д очила да видат како изгледа плажата во Италија или некое кафуле во Париз.“

Infografik Computerspiele Märkte weltweit 2016 Deutsch

Виртуелната реалност има голем потенцијал. Додуша, потрошувачите прво ќе мора да се помират со цената на соодветен хардвер која ќе изнесува меѓу 80 и 900 евра. За тајванската фирма ХТЦ, која моментно нуди најскап модел специјални очила и така сака да држи чекор со главниот конкурент - фирмата Окулус рифт, новата технологија е од животна важност. Досега ХТЦ беше познат првенствено како производител на паметни телефони, но постојано губеше процентуален удел на пазарот, курсот на акциите на ова претпријатие на безата од 2011. година се намали за 90 проценти.

Меѓутоа, уделот на игри со виртуелна реалност на целокупниот пазар на игри „во блиска иднина ќе остане маргинален“, пишува во најновиот извештај на информатичката служба Њусзу. Игрите се бизнис во кој во оптек се милијарди долари. Оваа година само програмите за играње ќе донесат обрт од околу 100 милијарди долари, пренесува оваа служба. Тоа е пораст од 8,5 насто во однос на лани. Пазарот на игри за конзоли и компјутери речиси веќе не расте, но игрите за паметни телефони и таблет-комјутери се во експанзија и првпат се најсилен сегмент. „Многу компјутерски игри сега се прилагодени на паметните телефони“, вели Хартмут Гизелман. „Бројот на нови игри за конзоли и компјутери минатите години осетно се намали, а некои објавуваат само по една игра годишно. Тоа значи, постои голема концентрација на мал број наслови.“

Бизнис вреден милијарди долари

Аналитичарите од Њусзу проценуваат дека обртот остварен со игри оваа година во Германија изнесувал четири милијарди долари. Здружението на целата бранша, БИУ, кое се потпира на бројките на Германското друштво за истражување на однесувањето на потрошувачите, ГфК, пренесува дека обртот во 2015. година изнесувал околу две милијарди евра.

Германија е на петто место по обрт во оваа бранша на државно ниво. Кина стана најголем поединечен пазар, а во азиско-пацифичкиот регион се остварува речиси половина од светскиот обрт.