Германците скокнаа за злато
18 февруари 2014Репрезентацијата на Германија освои златен медал во екипна конкуренција во ски скоковите на Зимските олимписки игри во Сочи. Првата олимписка титула во ски скоковите по пауза од 12 години, на Германија и‘ ја донесоа Андреас Ванк, Маринус Краус, Андреас Велингер и Северин Фројд. Тие на крајот освоија 1041,1 бод.
Сребрениот медал им припадна на Австријците кои настапија во состав Михаел Хајбек, Томас Моргенштерн, Томас Дитхард и Грегор Шлиренцауер. Австрија во Сочи не успеа да ги одбрани златните медали кои ги освои на претходните две олимпијади во Торино и Ванкувер.
Бронзениот медал го освоија Јапонците: Рерухи Шимизу, Таку Такеучи, Даики Ито и Норијаки Касаи. Јапонците го освоија првиот медал во екипна конкуренција по пауза од 16 години, кога на домашен терен во Нагано го освоија златото.
Успехот на ски-скокачите го зацврсти водството на Германија на табелата како најуспешна нација досега на Олимпијадата. Осмиот златен медал вчера го освоија во ски скоковите во екипна конкуренција и сега имаат вкупно 13 медали. Најмногу одличја имаат освоено Русија и САД по 18, но по пет златни. Вчерашниот ден мина во знакот на спортистите на Белорусија, кои од пет финални дисциплини победија во две.
Преглед на освоените медали на шест дена до крајот на Игрите:
1. Германија (8 златни - 3 сребрени - 2 бронзени) 13 вкупно,
2. Русија (5-7-6) 18,
3. Холандија (5-5-7) 17,
4. САД (5-4-9) 18,
5. Норвешка (5-3-7) 15,
6. Швајцарија (5-2-1) 8,
7. Белорусија (5-0-1) 6,
8. Канада (4-7-4) 15,
9. Полска (4-0-0) 4,...
Вкупно 19 држави имаат освоено златен медал, а 26 освоиле барем еден медал.
Денеска на програмата се седум дисциплини на кои ќе бидат поделени медали.