Германците на курс за интеграција
3 јуни 2011„За мене до пред две години беше незамисливо во супермаркет да чекам во долга редица и да не се пожалам на тоа дека и на останатите затворени каси некој може да работи. Редовно се расправав со продавачките, а денес трпеливо чекам и не се нервирам. Во оваа земја се живее поспоро, но тоа има добар спореден ефект - помалку ве боли главата”, вели Тања Мали од Хамбург, која во Виена живее веќе три години и која за разликите помеѓу Германците и Австријците научила, како што вели, многу. Своите виенски искуства таа денес ги дели со петнаесет сонародници, кои неодамна се собрааа во училницата на градскиот Народен универзитет.
Токму како и поголемиот број Германци во Австрија, и таа од почетокот најмногу проблеми имала со австриската бавност или, пак, со избегнувањето отворена критика. Германците се побрзи, погласни и подиректни од Австријците, но тие особини овде често ги толкуваат како лош стил, објаснува и Кристофер Вурмдоблер, исто така Германец, населен во Виена, додека на своите сонародници, во улога на привремен продавач во Народниот универзитет, им го толкува австрискиот менталитет: „На курсот често се разговара токму за германска брзина и директност, бидејќи Австријците таквиот стил го примаат како нељубезност или дрскост. Како да е прашање на лошо воспитание кога едноставно ќе го кажете своето мислење. Австријците навикнале секоја критика да ја спакуваат во долг монолог, своето мислење многу ретко го кажуваат отворено и директно, и кога тоа го прават Германците, тие тоа го толкуваат како агресивно однесување”, објаснува Вурмдоблер.
Австриската бавност проблем за Германците
И Тања Мали вели дека нејзината германска директност често знае да биде протолкувана како дрскост, но денес и самата го преферира австрискиот начин на комуникација, и се труди, како што вели, да биде што пошармантна: „Секако дека и денес во некои ситуации посакувам во фирмата во која работам одлуките да се донесуваат побрзо. Австријците едноставно многу повеќе дискутираат, се трудат да бидат шармантни, и да се шегуваат кога нешто критикуваат. Тоа, навистина, ги успорува процесите, но од друга страна работната клима е многу попријатна и поопуштена, бидејќи на тој начин се избегнуваат судири со соработниците.”
Иако инициран од страна на Одделението за прашања за интеграцијата при градот Виена, интеграцискиот курс за Германците, всушност, е опуштено дружење, при кое германските државјани кои моментно живеат и работат во Виена разменуваат впечатоци за австрискиот менталитет. За доселениците од земјите кои не се членки на ЕУ ваквите курсеви се задолжителни, односно една скала во процесот на договорот за интеграција, што при населувањето во Австрија мораат да го потпишат. Доказ дека го посетувале курсот за интеграција не им е потребен на Германците, тие тука се доброволно, бидејќи, како што велат, сакаат да ги избегнат недоразбирањата во секојдневниот живот: „Дел од концептот се и предавачите, Германци кои во Австрија живеат подолго и веќе добро го познаваат австрискиот менталитет. Мислам дека е сосема во ред луѓето во таканаречен заштитен простор да имаат можност да си раскажат за се´ она што го доживеале и за тоа што евентуелно би можеле да променат во своето однесување.“ објаснува Кристофер Вурмдоблер, инаку новинар во виенскиот весник „Фалтер”.
Совети што ќе им го олеснат животот на Германците во Австрија
Така, најголемиот дел од курсот поминува во размена на искуства и совети кои ќе им олеснат животот на Германците во Виена: „Порано, кога ќе имав некој термин, веќе утредента ќе телефонирав и ќе прашав дали дали е донесена одлука околу тоа што сме го разговарале. Тоа Австријците страшно ги нервираше. Денеска чекам од средбата до повторниот повик да поминат најмалку четири дена, и сега е се´ во ред , сите се љубезни, сите се весели. Научив исто така дека е важно своите аргументи, дури и кога сум потполно сигурен дека сум во право, да ги изговорам така што во никој случај да не звучат агресивно,” вели Херман од Дизелдорф: „Важно е исто така да се знае дека во Австрија многу работи се договараат по состанокот, во ходниците и во кафеаните, но тоа не значи дека оние кои тоа така го работат се криминалци. Тоа е едноставно поопуштен и полежерен стил. Тешко е да се каже зошто е тоа така, според мене по тоа прашање е евидентно влијанието на Југоисточна Европа и Балканот и се работи само за тоа дека Германците, кои овде живеат, да станат свесни за тоа. Тогаш животот во Австрија ќе им стане многу полесен“, додава Кристоф Вурмдоблер.
Автор: Емир Нумановиќ / Бисера Огњановска-Митров
Редактор: Трајче Тосев