Германци и Англичани купуваат куќи и имоти во Охрид!?
23 декември 2012Охрид поради прекрасната природа од секогаш бил сон за живејачка за луѓето од целиот свет. Нема човек што не посакал куќа со поглед кон синото езеро. Странците ги „меркаа“ прекрасните локации и често преку локалните жители, посредно стануваа и сопственици на имоти. Од 2008 година, кога македонската влада дозволи странци да купуваат куќи и станови, пазарот на недвижнини живна. Цените скокнаа до небо, но туѓинците уште се ретки жители на Охрид. Тие кои купија имот досега можеа туристички да престојуваат во Македонија најмногу до три месеци. Владата, очигледно ги увиде пречките и грешките и го менува курсот со надеж дека инвестициите по овој основ наскоро ќе се зголемат.
Политичари, дипломати и уметници „меркаат“ куќи во Охрид
Своевремено за куќи во Варош и Канео (најатрактивни делови од стариот Охрид) биле заинтересирани германскиот екс-министер за финансии Тео Вајгел и австрискиот претседател Хајнц Фишер. Меѓу оние кои го оствариле сонот преку прозорец да го гледаат езерото е екс-евроамбасадорот Ерван Фуере.
На куќите во срцето на стариот Охрид нема натписи дека се продаваат. Сепак во неврзан разговор неколкумина охриѓани ни рекоа дека за добра цена и покрај носталгијата кон вековното огниште би го сториле тоа. Сопствениците на агенциите за недвижности креваат раменици и очајно признаваат дека бизнисот им назадува и дека странците се реткост. Куќи и имоти најчесто купуваат лица од мешани бракови, велат тие. Во практика купопродажбата се врши во четири очи. Се зборува за милионски суми. Но, јавно не се знае колкав имот и каде поседува некој странец во Охрид и колку платил за него. Нови жители на стариот Охрид се и безброј Македонци од политичката, бизнис и уметничката елита, кои дури и помегаломански градат и трошат отколку странците.
Покрај природата и езерото, евтиниот живот – предизвик да се живее во Охрид
Холанѓани и Германци, веќе живеат во купени куќи. Еден од нив е Лутц Ауман од Мајнц – Германија. Живее над Античкиот театар.
„По еден одмор во Грција некаде пред околу седум години решивме да останеме два дена во Охрид. Кога убаво го разгледав многу ми се допадна езерото, планините, чистиот воздух. И си помислив, ако еден ден се одлучам да заминам од Германија, тогаш ова е местото каде што би живеел. Пред пет години се вратив, купив куќа и од корен ја изградив по наша идеја. Од балкон јас и жена ми имаме најубав поглед на езерото. На лето тука појадуваме ги слушаме птиците како пеат.“
Лутц ни откри, зошто го одбрал Охрид, наспроти Мајнц?! „Овде нема турканици, тивко е. На пазар можете да купите свеж зеленчук и овошје со далеку подобар квалитет и вкус отколку во Германија. Сега не работам, го трошам заработеното. Овде ме знаат сите. Има многу од Охрид кои сакаат да живеат во Германија, а луѓето како мене, кои се решиле за обратното, уште се ретки. Убаво си живеме со соседите. Доаѓаат и одиме на кафе. Во Германија тоа е реткост. И уште нешто, работев низ цела Европа и низ цел свет. Така, се чувствувам, како граѓанин на светот“, вели Лутц.
Адут за привлекување на странците да живеат во Охрид по примерот на крајморските градови во Црна Гора и Бугарија може да биде и следнава констатација на германецот Лутц: „За кирија, струја, телефон, храна, облека, осигурување, овде трошам само една третина од парите кои за истите нешта на пример би требало да ги потрошам во Германија.“
„Уште малку, можеби и утре“ зборови кои треба да исчезнат од вокабуларот на Македонците
Англичани и Германци веќе купиле имоти на источното крајбрежие од Охридското Езеро. Се работи за големи парцели во Рача, Велестово, Коњско. Долго се прераскажуваше дека за големи имоти зад кои уште има нерасчистени имотно – правни односи се интересирал и рускиот милјардер Роман Абрамович, а сега дел од нив му се нудат на познатиот индиски бизнисмен Субрата Рој. И покрај декларативната отвореност на Владата за секоја странска инвестиција, во практика, работите во оваа област се движат бавно, оценуваат странците.
„Првите три збора кои ги научив во Македонија беа: уште малку, можеби и утре“, ни рече германецот Ауман. Тие се најдобриот одговор дека Македонците од корен треба да ги променат своите навики, ако сакаат Европјеците да инвестираат и да им станат соседи, на пример во Охрид.