1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското МНР го свика македонскиот амбасадор во Берлин

БГ
28 април 2017

Германското министерство за надворешни работи претпладнево го повикало на разговор македонскиот амбасадор во Берлин и му упатило остра порака дека одговорните во Скопје мора да ги прифатат изборните резултати

https://p.dw.com/p/2c5dC
Auswärtiges Amt Schild Berlin
Фотографија: Fotolia/Tom-Hanisch

Германското Министерство за надворешни работи попладнево му го честиташе изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и повика на брзо формирање влада согласно резултатите од парламентарните избори во декември.

„Изборот на Џафери, исто како и исходот на изборите, мора да биде почитуван и од ривалите. Очекуваме владата да се погрижи за безбедност и ред во земјата“.

Официјален Берлин информира дека денеска во просториите на министерството за надворешни работи бил повикан македонскиот амбасадор Сашо Марковски. Нему му било порачано дека „одговорните во Скопје треба на дело да ги потврдат своите заложби за Европа, и да ги прифатат и спроведат изборните резултати“.

Во соопштението уште еднаш се пренесува изјавата на шефот на дипломатијата Зигмар Габриел кој, претходно денеска, порача дека дека е „неприфатливо поранешната владејачка партија да не ги прифаќа изборните резултати и да ги испраќа своите поддржувачи да вршат упад во Собранието и да напаѓаат пратеници“.

Истовремено, во одделно соопштение, германското МНР ги предупредува своите граѓани дека состојбата во Македонија во моментов е „непрегледна“ а на оние кои патуваат натаму им се советува да го избегнуваат центарот на Скопје и отворените простори во главниот град.