1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-израелските односи на ниски гранки

Бетина Маркс/Б. Георгиевски24 февруари 2014

Германско-израелските консултации на владино ниво се одржуваат од 2008. година. Годинава во Ерусалим отпатува речиси целиот кабинет. Разговорите нема да бидат едноставни. Односите се во длабока криза.

https://p.dw.com/p/1BEIL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт гордо ги објави термините на германската канцеларка Ангела Меркел за неделава. Како историски настан го окарактеризира заминувањето на канцеларката и 16 министри (речиси целиот кабинет) во Ерусалим, каде денеска почнуваат дводневните германско-израелски консултации. Централни теми, наводно, се научната соработка и подготовката на свеченостите по повод 50. годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Предвидени се и разговори на Меркел со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и со претседателот Шимон Перес, кој во таа пригода ќе ја одликува Меркел и со највисокиот израелски орден.

Далеку од хармонија

Иако посетата сугерира хармонија во односите меѓу двете земји, тоа не е случај. Неодамна весникот „Хаарец“ објави анализа во која се тврдеше дека односите се полоши од било кога порано. Весникот притоа се повикуваше на пишувањето на неделникот „Шпигел“ кој тврдеше дека во последниот телефонски разговор Меркел и Нетанјаху буквално си викале еден на друг.

Берлин ја критикува изградбата на еврејските населби во палестинските подрачја и смета дека тие се пречка за мир. Израел упорно продолжува со таквата политика. Притоа, критиките на сметка на Тел Авив не доаѓаат само од Берлин, туку и од поголемиот дел на ЕУ.

Спорот околу политиката на доселување, минатата година доведе до тешка криза во односите меѓу ЕУ и Израел. Во јули, Брисел ја објави програмата за поттикнување на наука и истражувања „Хоризонт 2020“. Во него изрично се наведува дека средствата нема да бидат на располагање на израелските проекти на окупираните подрачја. Компромис беше постигнат дури во ноември, иако Израел не мораше да го признае илегалниот карактер на населбите. Но, во јануари годинава германската влада го изненади Израел, откако соопшти дека тие правила ќе важат и за билатералната научна соработка, како и за субвенционирањето на приватните фирми. И тие во иднина ќе мора да се обврзат дека средствата ќе ги трошат само на проекти во рамки на меѓународно признатите граници на Израел.

Peres Rede in Europaparlament 12.03.2013
Шимон ПересФотографија: Reuters

Изолација и бојкот!

Овие вести од Берлин ги загрижија властите во Израел. На земјата и‘ се заканува меѓународна изолација и бојкот. На пример, најголемата данска банка Данске банк, ја прекина соработката со израелската банка Хапоалим, откако беше утврдено дека таа банка ја финансира изградбата на населбите и со тоа го крши меѓународното право. И палестинската кампања која повикува на бојкот, а им се обраќа во прв ред на научници и уметници, ги бележи првите резултати. Писателките Наоми Клајн и Елис Вокер, како и основачот на Пинк Флојд, Роџер Вотерс веќе одбија да настапат во Израел.

Можеби тој страв од меѓународна изолација беше и причина за бурните реакции во израелскиот парламент за време на говорот на претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц. Тој ја критикуваше неправедната распределба на b## водните ресурси меѓу Израел и палестинските територии. Министерот за стопанство Нафтали Бенет му префрли на Шулц дека шири лаги и ја напушти седницата заедно со пратениците од неговата партија.

Бенет бараше извинување, но на крајот се смири со Шулц, при посетата на Брисел минатата недела. Во последен час пред почетокот на меѓудржавните консултации. Но, темелните разлики во мислењата во однос на политиката на доселување, веројатно нема да бидат отстранети ни на претстојниот состанок.