Германските ѕвезди во тешка сообраќајка
28 мај 2014Двајца пешаци се повредени во несреќата која се случи за време на пробно возење на фудбалерите со двајца врвни автомобилистички пилоти, на настан кој бил организиран од спонзорот на германскиот национален тим- Мерцедес.
Првиот автомобил во кој бил напаѓачот Јулијан Дракслер го управувал Ф1 пилотот Нико Розберг, додека во вториот биле возачот на ДТМ Паскал Верлајн и Бенедикт Ховедес. Сите минале без повреди, но настрадале двајца случајни минувачи на патот во близина на границата меѓу Италија и Австрија.
Според очевидци, несреќата се случила кога Розберг, кој управувал со првото возило, ненадејно закочил на патот откако ги здогледал пешаците, но Верлајн кој бил зад него, немал доволно време да реагира и загубил контрола над автомобилот, по што ги удрил минувачите.
Настанот кој го организирал Мерцедес бил претходно најавен кај локалните власти и движењето на патиштата било забрането. Љубопитноста кај некои туристи да го проследат настанот се покажала посилна од преземените мерки за обезбедување, изјави градоначалникот на италијанското место Сент Леонард, Освалд Чоел.
Лев остана без возачка
Селекторот на германската репрезентација Јоахим Лев не учествуваше на настанот, но тој се соочува со проблеми од друг вид. Германските власти му ја одзедоа возачката дозвола на период од 6 месеци, поради пребрзо возење и разговарање на мобилен телефон во автомобил.
„Признавам дека по некој пат, за жал, возам премногу брзо. Сега ја научив лекцијата и во иднина ќе го променам однесувањето при возење“, рече Лев.
Ова не е прв пат Лев да остане без дозвола, со оглед дека во 2006 година беше казнет со забрана за возење во период од четири недели, бидејќи возел 134 км на час на автопат каде ограничувањето било 100 километри.