1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските синдикати во заштита на ЕУ-работниците

Благородна Григорова / Елизабета М. Фиданоска24 март 2012

Не секој што доаѓа на работа во Германија ги знае своите права. Сојузот на германски синдикати има намера на работниците од ЕУ-државите да им ги разјасни нивните права и да ги заштити од дампинг на плати и искористување.

https://p.dw.com/p/14R4G

Полски негувателки, чешки градежници или унгарски медицински сестри - сите од пред една година смеат да работат во Германија без ограничувања. Граѓаните на осум земји кои станаа членки на ЕУ во 2004 година, од лани имаат право да работат во Германија без ограничувања. Од 2014 година тоа ќе важи и за граѓаните од Романија и Бугарија, кои станаа членки на ЕУ во 2007 година.

Стравувањата дека по отворањето на пазарот на труд тој ќе биде преплавен со луѓе што бараат работа од земјите на ЕУ, се покажаа неосновани, вели Фолкер Росоха од Сојузот на германски синдикати, кој е одговорен за прашања на мигранти. Големи проблеми немаше, зашто во поголемиот број случаи за вработените од овие земји се плаќаат социјалните осигурувања.

Сепак, работниците од источноевропските ЕУ-држави не се секогаш доволно заштитени од искористување. Проблематичните структури, кои егзистираа од порано, останаа, вели Росоха. Тоа станува јасно на примерот на посредувањето негуватели - агенциите во Германија даваат налог на фирми во Полска или на друго место да почнат со барање соодветна работна сила. Овие фирми даваат налози на субконтрактори, кои пак налозите ги даваат натаму на други субконтрактори. „На овој начин се намалуваат примањата на работниците, а освен тоа, многу е тешко и да се преземаат правни чекори во случај на проблеми“, се жали Росоха.

Bundesfreiwilligendienst Altenpflege in einem Seniorenzentrum
Дел од негувателите од странство во Германија се регистрирани како бебиситериФотографија: picture-alliance/dpa

За да ги заобиколат германските закони, германските работодавачи се „инвентивни“ - негувателите од новите членки на ЕУ се веќе регистрирани како куќни помошнички, така што не мора да им се исплаќа минималната плата за негуватели. А за да се избегне германскиот закон за работнио време, некои семејства веќе ги пријавиле негувателите како бебиситери кои живеат во семејството, објаснува Росоха.

Случаи на наводна самостојност

Уште покомпликувана е ситуацијата на бугарските и романските работници во Германија. Сезонските работници од Бугарија и Романија од почетокот на годинава смеат да работат максимум до шест месеци во земјоделството. За сите други бранши мора да имаат работна дозвола. Освен тоа, во Германија можат да работат легално ако регистрираат своја фирма. Токму тоа води до злоупотреба, зашто голем број Бугари и Романци несакајќи влегуваат во „наводна самостојност“ - тие се зависни од еден единствен работодавач, а важат за самостојни претприемачи. На тој начин еден градежен работник на хартија има статус на самостоен претприемач, што на работодавачот му помага да се извлече од плаќање на придонеси за социјално осигурување. Во случај да се разболи, работникот така не добива ниту цент.

Symbolbild Löhne Lohn Gehalt
Иста плата за иста работа на исто место, бараат германските синдикатиФотографија: picture-alliance/Sven Simmon

„Токму во градежништвото има многу случаи на измами“, објаснува Росоха. „На пример, луѓето од Бугарија се лажат од страна на нивните германски работодавачи со тоа што им се вели дека потпишуваат наводно договори за работа, а тие всушност потпишуваат барања за регистрација на самостојни фирми.“ Во вакви случаи, често доаѓа до тоа луѓето со месеци да не добијат плати. „Некои завршуваат на улица поради тоа што работодавачот веќе не плаќа сместување.“

„Фер мобилност“

Сојузот на германски синдикати во советувалиштата во Франкфурт и Берлин информира за вакви случаи на измами и работниците можат да се обратат за своите проблеми. Советувалиштата се дел од проектот „Фер мобилност“ на синдикатите. Мотото гласи „Иста плата за иста рбаота на исто место“. Покрај советувалиштата, кои ќе се прошират и во други градови, се спроведуваат и информативни кампањи во татковините на работниците. Притоа, германските синдикати бараат поддршка од партнери во Бугарија, Романија и Полска. Луѓето треба да бидат подобро информирани за своите права и да бидат предупредени од можни измами уште на лице место, додека се во својата земја.

DGB bulgarischen Gewerkschaften
Потпишување на договорот на бугарските синдикати со Сојузот на германски синдикатиФотографија: DGB/Ralf Steinle

Претседателот на бугарскиот синдикат „Подкрепа“, Пламен Димитров, вели дека искуството од изминатите 22 години докажало колку е важно информирањето во земјите од кои доаѓаат работниците. Со нов Рамковен договор со Сојузот на германски синдикати, повеќе бугарски синдикати се поврзаа во проектот „Фер мобилност“. Ваквиот договор, на крајот на краиштата, ги штити и германските работници - колку е помала разликата во платите меѓу германските и странските работници, толку е помала опасноста од дампинг на плати. Во таков случај, германските работници не мораат и самите да работат за помалку пари од страв поради конкуренцијата кој прима помали плати.