1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските автопроизводители се служат со трикови

Жанг Данхонг / Е.М. Фиданоска17 април 2016

Германскиот автомобилски пазар е заситен. Бројот на новорегистрирани возила би морало всушност да биде константен или во благо опаѓање. Но, автопроизводителите со користење трикови изненадуваат со зголемени бројки.

https://p.dw.com/p/1IOyw
Фотографија: picture-alliance/dpa

На германските улици се „тркалаат“ 44 милиони автомобили. Секој втор Германец има автомобил. „Германскиот пазар живее од потребата да се замени старото возило со ново, а тој број годишно изнесува над три милиони автомобили“, вели Фердинанд Дуденхефер, директор на Кар-институтот на Универзитетот Дуизбург-Есен.

Понудата со години ја надминува побарувачката на германскиот пазар. За да се скрие нерамнотежата, автопроизводителите посегаат по трикови: тие самите ги пријавуваат новите возила. Тие автомобили по неколку дена се на продажба во автосалоните како возила кои може да бидат регистрирани на име на купувачот уште истиот ден. Со други зборови: автоконцерните сами ги „купуваат“ своите производи, за веднаш потоа да им ги понудат на своите муштерии - со попусти до 25 проценти.

Секое трето возило го регистрирал автоконцерн

Над 30 проценти од новорегистрираните возила во Германија се регистрирани од страна на автоконцерните, произлегува од актуелната студија на Кар-институтот. „На тој начин се настојува да се одржи темпото на производство, зашто фабричка лента која мирува чини поскапо од 25 проценти попуст“, го објаснува Дуденхефер мотивот на автопроизводителите.

VW-Werk in Wolfsburg - Roboter der Firma Kuka
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Со оглед на тоа што попустите ја намалуваат заработувачката, се поставува прашањето зошто концерните едноставно не ги намалат капацитетите. Дуденхефер за ДВ одговара: тие сакаат да си ја задржат позицијата на пазарот и на акционерите да им покажат дека се добри. „Значи, успешно мамат.“

Борбата со попустите излезе на виделина пред сѐ преку Фолксваген. Шкодите произведени во Чешка ја имаат истата техника и квалитет како и останатите возила на Фолксваген,кои излегуваат од фабричката лента во Волфсбург, само што Шкодите се многу поевтини. Тоа го принудува автопроизводителот на попусти кај Фолксваген-моделите. Автомобилскиот експерт Дуденхефер тоа го нарекува „канибализација во сопствената куќа“.

Опасен нагон на стадо

Ако лидер на пазарот како Фолксваген на конкуренцијата во својата куќа реагира со попусти, тогаш муштериите очекуваат попусти и од останатите производители. „Кога сите трчаат во иста насока, настанува еден вид Леминг-ефект“, нагласува Дуденхефер.

Deutschland Abgas-Skandal: VW sucht nach Wegen aus der Krise
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Како што леминзите (вид глодари,н.з.) порано или подоцна скокаат од работ на карпата, така борбата со попусти би можела да одведе во банкрот некого од автопроизводителите. Акционерите сѐ уште затвораат едно око, со оглед на тоа што профитот надвор од границите на Германија сѐ уште ги покрива негативните последици од користењето трикови во земјата. Продажбата на возила ширум светот се зголеми пред сѐ благодарение на Кина. „Во јануари 2000 година имавме 50 милиони продадени возила. Сега стигнавме до 80 милиони возила“, вели експертот. И, пазарот се зголемува и натаму, иако темпото попушта.

Но, глобалниот пораст нема да може вечно да ја покрива слабоста на германскиот пазар на нови возила. Автопроизводителите некогаш ќе мора да ја преиспитаат својата „бројчена козметика“. Дуденхефер потсетува на деловната тајна на Порше од времето на Венделин Видекинг, односно од времето пред производителот на спортски автомобили да биде голтнат од Фолксваген: „Видекинг секогаш можеше да ги преживее осцилациите на пазарот без да учествува во борбата со попусти.“

Рецептот звучи едноставно: во полоши времиња едноставно се произведуваа помалку возила, но тие автомобили Порше ги продаваше по солидни цени. „Концернот не произведуваше сѐ сам, туку имаше понудувачи на производствени услуги кои го покриваа врвот на пазарот“, објаснува Дуденхефер. Тоа се нарекува флексибилност.